Зошто носталгијата по 2016-та е главен тренд на ТикТок и Инстаграм во 2026-та година (и сите споделуваат ретро фотки)?
- Детали
- петок, 16 јануари 2026
Според ТикТок, пребарувањата на „2016“ се зголемиле за 452% во една недела, а креирани се преку 55 милиони видеа со филтер од апликацијата кој го носи токму тоа име - 2016.

Деновиве барем на еден профил на Инстаграм или ТикТок сигурно видовте објава со фотографии стари десет години и коментар дека 2026-та е новата 2016-та.
Не се знае што го покрена овој тренд, но тој брзо се шири низ целиот свет.
Според ТикТок, пребарувањата на „2016“ се зголемиле за 452% во една недела, а креирани се преку 55 милиони видеа со филтер од апликацијата кој го носи токму тоа име - 2016, пишува BBC.
@.kallie32 2016 is so back 🪩🌴🎬 #fyp #2016 #2016vibes #trending #dance
♬ suono originale - Jr Stit
Од каде толкава носталгија по 2016-та? И зошто корисниците на Инстаграм и ТикТок ги фати „манија“ да споделуваат фотографии од тоа време?
2016-та беше година кога многумина користеа Снепчет за своите фотки.

Имаше филтри кои ја затемнуваа фотката и ѝ даваа малку розова нијанса, но тоа е и годината кога првпат беа воведени Инстаграм Сторис.

Тоа беше година на бомбер јакни, нагласен ајлајнер, искинати фармерки и неонски бои.
Но, тоа беше и година кога на музичката сцена доминираа Џастин Бибер, Дрејк и Сиа, а кај нас Калиопи ја пееше „Дона“ на своето второ појавување на Евровизија.

Британија изгласа Брегзит, а Доналд Трамп Беше избран за американски претседател (на својот прв мандат), Леонардо до Каприо доби Оскар за најдобар актер.
И можеби, сеќавајќи се на сите овие работи, ќе си помислите дека „се случија вчера“, барем имате такво чувство.

Според некои, огромниот замав кој го зема AI, прави луѓето да сакаат да се вратат во минатото, во времето кога фотките не беа совршени, кога не се местевме со часови и не се фоткавме по 50 пати на едно место за да имаме фотографија што ќе собере многу лајкови.

Тоа беше време кога се ставаше првата фотка направена на патување, од дружење со пријателите, кога сликите беа несовршени, но беа - среќни.
Денешните, пак, се испеглани, поминати низ филтри, со избришани недостатоци и ликови кои во реалноста не личат на оние на фотографиите.

Која и да е причината, последниве денови имаме вистински флешбек, носталгично враќање во минатото. И тоа, според фотографиите од 2016-та, не е воопшто лошо.

Прочитајте и Катарина топлес на плажа, Каролина први фотки со сопругот - Ретро фотки од 2016-та се тренд на Инстаграм
А. Ј. | Црнобело
