Исповед на мајка на деца со попреченост, по трагедијата во која родители ги убија двата аутистични сина и се самоубија

Џо Расел опиша мрачен период кога ќерка ѝ Меган, која речиси и не зборува, повеќепати ја напаѓала својата мајка, при што во еден инцидент ѝ ја скршила раката.
„Бев на работ на силите, таа фрлаше мебел на училиште, а често тоа завршуваше со уште една дупка во ѕидот.
За неколку секунди се менуваше од шармантна, ведра и среќна девојка во насилна и агресивна, а јас не можев да сфатам што ги предизвикуваше тие епизоди.
Се чувствував како неуспешна мајка, ја чувствував болката на Даниел кој мораше да се справува со непредвидливото и агресивно однесување на својата сестра, бидејќи искрено се плашев дека некој ќе загине или ќе биде сериозно повреден“.
По еден месец поминат во болница во Перт и по нова дијагноза што довела до промена на терапијата за нејзината ќерка, Расел изјави дека однесувањето на Меган направило целосен пресврт од 180 степени.
„Сега Меган добива финансиска помош, има сопствен изнајмен дом и 24-часовна поддршка, барем засега“.
Но, Расел има стравови дека по некое време финансирањето од страна на државата ќе биде намалено или прекинато...
Таа апелира родителите да ги споделуваат своите приказни за да се намали ужасната изолација што ја чувствуваат родителите на деца со попреченост во тешките периоди.
Властите во Австралија по трагедијата и смртта на тинејџерите Отис и Леон и нивните родители, случај кој сè уште е предмет на полициска истрага, велат:
„Никогаш нема оправдување за семејно насилство или убиство.
Мораме да ја отфрлиме идејата дека попреченоста е товар.
Секое дете има право на живот, безбедност и поддршка, а семејствата треба да имаат пристап до помош многу пред да настане криза“.

Инаку, за трагедијата во Австралија причина бил интензивниот стрес и оптоварување на родителите.
Тие биле под долготраен притисок и стрес од 24/7 грижа за децата со комплексни потреби.
Се соочувале и со недостаток на поддршка.

Пријателите, семејството и социјални работници рекле дека семејството чувствувало дека не добивало доволно помош од државата, што довело до чувство на изолација и очај.
Во нивниот дом било пронајдено и писмо. Односно на вратата била оставена порака со инструкции до службите, што укажува дека родителите го планирале ова убиство и самоубиство.



С. С. | Црнобело