Одбија да ја пеат химната пред натпревар во Австралија: Каква казна ги очекува фудбалерките од Иран кога ќе се вратат дома?
- Детали
- среда, 11 март 2026
Минатата недела, неколку жени од иранскиот фудбалски клуб одбија да ја пеат химната на Иран пред натпреварот со Јужна Кореја. Дел од нив биле пренесени во безбедна куќа во Бризбејн, но останатите се на пат кон Иран каде може да се соочат со многу строги казни поради нивниот „тивок протест“.

Уште пред почетокот на војната со САД и Израел, во Иран владее тензија во врска со положбата на жените во земјата.
Во државата има и низа други проблеми кои беа причина за големи протести кон крајот на минатата и почетокот на оваа година во кои, според активистите за човекови права, животот го загубиле над 3.000 луѓе.
Сега, пак, неколку жени од националниот женски ирански фудбалски тим се наоѓаат во неповолна положба поради нивниот „тивок протест“.
Минатата недела, иранскиот тим играше против Јужна Кореја во склоп на женскиот азиски куп кој се одржува во Австралија.
Пред почетокот на натпреварот, неколку жени од иранскиот тим одбија да ја пеат химната на нивната земја, а гестот брзо ескалира во голем дипломатски инцидент.
Фудбалерките од Иран отидоа во Австралија со обезбедување кое е главно поврзано со властите во Иран.
Па, по нивниот тивок протест се појави загриженост за нивната безбедност.
За таа цел, во понеделникот беше изведена тајна операција во која неколку од жените успеаја да побегнат од хотелот во којшто отседнувале.
Како што споделуваат медиумите, засега седум жени од клубот и од делегацијата се во безбедна куќа во Бризбејн.
Истовремено, им биле дадени и „хуманитарни визи“ за Австралија. Овие визи им се даваат на бегалци и им овозможуваат потоа да станат и постојани жители на Австралија.
Сепак, не сите жени од тимот ги прифатиле овие визи, па неизвесно е што ги чека откако ќе се вратат во Иран.
Се претпоставува дека протестот на фудбалерките е поттикнат од смртта на нивна соиграчка која загина во протестите во јануари.
Но сепак, министерот за имиграција на Австралија сподели:
„Сакаат да разјаснат дека не се политички активисти. Тие се спортистки кои сакаат да бидат безбедни“.
Министерот сподели и дека дел од фудбалерките потврдиле дека сакаат да останат во Австралија и да не се враќаат во Иран.
Инаку, по Исламската револуција, фудбалот беше забранет за жени сè до 2004 година.
Во 2011-та ФИФА накратко забрани Иран да се натпреварува меѓународно поради страв дека жените се присилени да носат хиџаб додека играат.
Во 2024-та, пак, на фудбалерка малку ѝ се измести хиџабот додека играше, па мораше јавно да се извини пред да добие дозвола повторно да се натпреварува.
До денес жените од фудбалскиот тим мора да носат облека со долги ракави и ногавици, а мора да добијат и дозвола од машки член на семејството за да патуваат за меѓународни натпревари.
Кога се во странство, постојано се придружувани од обезбедување најмено од иранските власти.
Се претпоставува дека на многу фудбалерки им пречат овие рестрикции, а нивниот гнев само се зголемил по смртта на фудбалерката во јануари.
Но, тивкиот протест на фудбалерките може да ги чини многу.
Како што пренесуваат странските медиуми, водител на иранска државна телевизија изјавил дека гестот бил големо обесчестување:
„Тие се предавници во време на војна кои мора да добијат строги казни“.
Се претпоставува дека закани добиле и мажите од обезбедувањето и дека ќе ги чекаат „драконски казни“ ако дозволат уште еден ваков инцидент.
Според последните информации, останатите жени од тимот тргнале од Сиднеј кон Куала Лумпур. Оттаму треба да летаат до Турција, па до Иран.
Сепак, не е познато со какви казни би се соочиле и дали воопшто ќе бидат казнети.
Спирова С. | Црнобело