„Ова е бизарно“ - Инфлуенсерка објави фотографии како позира со ковчегот на починатата ќерка и стана мета на осуда
- Детали
- вторник, 31 март 2026
„Едвај дишев. Нозете ми се тресеа. Телото ми беше толку стегнато што мислев дека ребрата ќе ми ги згмечат органите. Вашиот начин на размислување во сето ова е навистина тажен...“, одговара Софи Меј Диксон, инфлуенсерка од Велика Британија, на критиките за позирањето со ковчегот на ќерка ѝ, со кое ги изреволтира следбениците.

Софи Меј Диксон, инфлуенсерка од Велика Британија, се соочи со критики поради фотографиите што ги сподели од погребот на 16-годишната ќерка Принцес Диксон, која почина минатиот месец.
Принцес посегнала по својот живот, откако две години била вознемирувана со хејт коментари и била мета на злоупотреба на социјалните мрежи.
Софи објави неколку фотографии од церемонијата, вклучувајќи некои на кои позира со својата друга ќерка, како и други на кои ја потпира главата на ковчегот на Принцес.

Коментарите на објавите беа полни со револт кон Софи, како поради објавувањето на фотографии од ваква пригода, така и поради изборот на облека и шминка.
„Знам дека сите жалиме на различен начин, но социјалните мрежи и суетата навистина те имаат заразено. Ова е навистина чудно“, напиша еден нејзин следбеник, додавајќи дека „средените“ фотографии се бизарни.

Софи-Меј одговори на критиките преку Инстаграм Стори негирајќи дека ги објавила фотографиите за лајкови.
Таа вели:
„Ова беше последниот момент што го имав со мојата ќерка. Се оддалечував од ковчегот многупати, но едноставно не ми изгледаше исправно.
Откако ги собрав моите работи... мојата чанта, телефонот и програмата од службата... едноставно морав да се вратам. Бев САМО ВО ТОЈ МОМЕНТ!“
Софи вели дека телефонот ѝ бил во рака бидејќи станала да си замине пред да одлучи да сподели уште еден последен момент со ќерка ѝ.
