Вирално видео – Тегла Нутела лебди во капсулата Орион на пат кон Месечината: „Најдобрата бесплатна реклама“
- Детали
- среда, 08 април 2026
„Хјустон, имаме Нутела во вселената“ – гласи еден од шеговитите слогани на Нутела инспирирани од виралното видео од капсулата Орион на кое се гледа како лебди тегла од популарниот чоколаден крем. Теглата Нутела е еден од продуктите што ги избрале астронаутите за 10-дневната мисија до Месечината, а видеото е сосема случајно и воопшто не е платена реклама.

Мисијата Артемида 2 на НАСА е едно од најголемите случувања периодов, а моментално четворицата астронаути се на пат кон Земјата, откако успешно ја заобиколија Месечината.
Додека траеше обиколувањето, речиси постојано имаше пренос од живо и од капсулата Орион.
Во еден миг, на преносот се гледаше како тегла Нутела лебди низ капсулата.
Моментот беше „уловен“ на камера кратко пред астронаутите да го срушат рекордот на Аполо 13 за најдалечно патување во вселената со екипаж.
Видеото почна да се споделува вирално, а некои се шегуваат дека сосема случајно, Нутела си ја добила најдобрата бесплатна реклама.
Видеото го забележа и маркетинг тимот на Нутела, па на социјалните мрежи почнаа да споделуваат шеги и забавни реклами:
„Почестени сме што имаме патувано подалеку од кој било крем во историјата. Споделуваме насмевки на ново ниво“
„Хјустон, имаме Нутела во вселената“
„Целете кон Месечината. Дури и ако промашите, ќе слетате помеѓу Нутела теглите“
Инаку, менито за десетдневната мисија на астронаутите се состои од 189 различни намирници.
Покрај хранливите материи што им се потребни на патувањето, се земаат предвид и нивните желби и вкусови, па ова значи дека тие сами го избрале кремот Нутела.
НАСА го сподели менито на астронаутите каде што имаше наведено „чоколаден крем“, но секако не го спомнаа брендот.
„Личниот вкус има важна улога во планирањето на менито бидејќи храната што ја сакаат астронаутите помага во зголемување на моралот и целокупното прифќање на менито за време на мисијата.
Истовремено, секој продукт сепак треба да исполни условите за хранлива вредност, безбедност и слично“, сподели ПР експерт од НАСА за магазинот People.
Намирниците што ги носат астронаутите се лесни за приготвување во микрогравитација и повеќето се дехидрирани. Бидејќи немаат фрижидер, сите оброци треба да можат да издржат најмалку десет дена на собна температура.
Астронаутите имаат и 58 тортилји – храна која веќе е класика за вселенски мисии.
„Тортилјите одамна се меѓу главните намирници во вселенските мисии бидејќи се комбинираат со сè, лесно се јадат во микрогравитација и прават помалку ронки од лебот“, додава ПР експертот.
Како што веќе спомнавме, астронаутите се на пат кон дома, а се очекува да пристигнат на 10-ти, односно 11-ти април по полноќ (по македонско време) и ќе слетаат во Тихиот Океан.
Спирова С. | Црнобело