Кој е новиот министер за здравство на Унгарија, што ја освои јавноста со победничкиот танц? (видео)
- Детали
- вторник, 12 мај 2026
Новиот министер за здравство на Унгарија, д-р Жолт Хегедуш, првпат ги покажа танцувачките способности по победата на неговата партија. Сега уште еднаш ја изненади јавноста со танц, за време на инаугурацијата на новиот унгарски премиер, а сподели дека во тој момент се чувствувал како рок-ѕвезда.

Првпат по 16 години, Унгарија има нов премиер, а тоа значи и нова постава на унгарската влада.
Бидејќи новиот премиер Петер Маѓар значи и огромни промени за Унгарија, јавноста почна да се интересира за неговиот приватен живот, особено неговиот развод од поранешната сопруга.
Но, сега во фокус е друг унгарски политичар – новиот министер за здравство.
Викендов, поточно на деветти мај, се одржа инаугурацијата на новиот премиер, а новиот министер за здравство прослави со забавен танц.
56-годишниот министер и претходно ги покажа танцувачките способности, па наводно и сега очекувале тој да ја почне прославата.
Како што пренесува The Guardian, додека Петер Маѓар и неговата партија се подготвувале да ја преземат новата функција, телефонот на новиот министер почнал да добива пораки.
56-годишниот Жолт Хегедуш почнал да добива пораки кои го прашувале дали тој ќе го започни славењето.
„Имаше еден куп пораки кои ми велеа ’Д-р Хегедуш, ти ќе почнеш со славењето?‘ или ’Ќе има ли танцување‘“, споделил новиот министер со The Guardian.
Свесен дека веќе ги освоил симпатиите на јавноста со своето танцување, доктор Хегедуш решил уште еднаш да го покаже својот талент.
Жолт Хегедуш првпат танцуваше кога партијата на Петер Маѓар победи на изборите и вели дека тогаш само бил понесен од атмосферата.
Сега, пак, на инаугурацијата, вели дека го надвладеале емоциите и решил да го повтори танцот.
„Кога музиката почна, можев да видам дека публиката го чекаше ова. Па, не сакав да ги изневерам луѓето“.
Видеото од неговиот танц веќе се споделува вирално, а министерот вели дека во тој миг се чувствувал како рок-ѕвезда.
Инаку, Жолт Хегедуш има импресивна кариера како доктор.
Завршил медицина во 1994 година во родната Унгарија и неговата специјализација е ортопедија.
Од 2005 година работел во Обединетото кралство, во National Health Service (NHS).
Овде бил на чело на ортопедскиот оддел во државната болница во Северен Манчестер, а потоа бил главен хирург во клиниката Cirencester, каде што специјализирал за операции на колкови, колена и артроскопски процедури.
Докто Хегедуш се вратил во Унгарија во 2015 година каде што продолжил да работи како доктор, но си ги задржал и професионалните врски со Англија.
Има изјавено дека одлучил да се врати во родната земја со надеж дека ќе го подобри тамошниот здравствен систем.
Посериозно почнал да се занимава со политика во јули минатата година, како дел од партијата Tisza. Истата година, Петер Маѓар сподели дека тој ќе биде министер за здравство доколку неговата партија Tisza дојде на власт.
Иако потекнува од семејство кое е релативно познато во Унгарија, д-р Хегедуш не сака премногу да зборува за приватниот живот.
Познато е дека негова сопруга е офталмолог, а заедно имаат четири деца.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук