„Маж ми 18 години е заглавен во најстрашниот затвор во Дубаи – условите се ужасни, имаше и туберкулоза“
- Детали
- недела, 07 јуни 2026
„Условите се ужасни. Исхраната е лоша и немаат никаква физичка активност. Рајан прави сè што може за да си го одржи здравјето – крева шишиња вода и пробува да се движи. Но, здравјето не му е добро“, открива жена чиј сопруг Британец скоро две децении е во затвор во Дубаи за проневера на пари. Но, таа вели дека нејзиниот сопруг е невин.

Затворот е место за убијци, силувачи, крадци… Но, 72-годишен маж од Британија не е ништо од ова, а неговата сопруга вели дека скоро две децении е заглавен во најозлогласениот затвор во Дубаи.
Со години наназад Дубаи се сметаше за дестинација каде што секој може да си ги оствари соништата и да живее во луксуз.
Во ова верувал и Рајан Корнелиус кој инвестирал во недвижнини во Дубаи со цел да им овозможи подобар живот на сопругата и нивните три деца.
Но сега неговата сопруга Хедер бара начин да го извлече од затвор во Дубаи каде што вели дека условите се вистинска тортура.
Хедер пробува да му помогне на сопругот скоро две децении и иако ја советувале да се разведе, вели дека не се откажува.
„Тешко е да се разбере што му се случи на Рајан. На почетокот од секоја година си мислам дали ова ќе биде годината кога конечно ќе го ослободат.
Им ветувам на децата дека наскоро татко им ќе се врати, но уште чекаме. Има пропуштено многу важни моменти од нивните животи. Тажно е“, раскажува Хедер за The Sun.
Рајан се наоѓа во затворот Al Awir кој го нарекуваат „Алкатраз во Дубаи“ поради ужасните услови. Келиите се преполнети, затворениците имаат проблеми со паразити како вошки, а има шпекулации и дека се подложени на психичка и физичка тортура.
Луѓе кои успеале да излезат од затворот велат дека сведочеле и на изгладнување, но и силување на затворениците.
Како што открива Хедер, во центар на целата приказна е комплексна процедура за кредит за бизниси од Dubai Islamic Bank.
Рајан бил еден од тројца бизнисмени кои стоеле зад проект за развој на недвижности во Дубаи.
Бизнисмените извадиле кредит од Dubai Islamic Bank, но поради финансиската криза во 2008-ма, банката сакала да преговара за условите за кредитот.
Како гаранција, Рајан го понудил својот имот и своите средства.
