Јапонските навивачи го „светнаа“ стадионот на Светско по натпревар, па се соочија со критики: „Зошто не чистите и дома?“
- Детали
- понеделник, 22 јуни 2026
Деновиве вирално се споделуваат фотки од јапонските навивачи на Светското фудбалско првенство кои по натпреварот помеѓу Јапонија и Холандија извадија вреќи за ѓубре и почнаа да го чистат стадионот. Но, додека некои имаат само пофалби, на социјалните мрежи се разгоре дискусија дека Јапонците го прават само ова во јавност и воопшто не им помагаат на партнерките низ домот, дури и кога двајцата се вработени.

Веќе е добро познат факт дека Јапонците обрнуваат многу внимание на хигиената – уште од најрана возраст, децата се задолжени за чистењето на нивните училници, а ова е навика што ја задржуваат целиот живот.
Многупати досега Јапонците покажале дека се грижат за хигиената дури и на места на кои другите не би помислиле, како на спортски натпревар.
Додека повеќето фанови навистина оставаат многу ѓубре на трибините со помисла дека чистењето не е нивна обврска, Јапонците не напуштаат стадион без да го исчистат.
Таква беше ситуацијата и на годинашното Светско фудбалско првенство, кога Јапонија играше против Холандија.
Откако заврши натпреварот кој се одржуваше во Dallas Stadium во Арлингтон, Тексас, јапонските навивачи извадија големи вреќи и почнаа да го собираат ѓубрето.
Зад себе не оставија ништо – го напуштија стадионот со вреќи полни со пластични чаши, шишња, остатоци од храна...
Истото го направија и јапонските фудбалери кои по завршувањето на натпреварот ја „светнале“ нивната соблекувална, иако ова никогаш не се очекува од нив.
Фотографиите од јапонските навивачи веќе се споделуваат вирално, а за CBS News се огласи извор кој сподели од каде потекнува оваа навика на Јапонците.
„Во јапонскиот образовен систем, од основно до средно немаме хигиеничари, па ние треба да се грижиме за хигиената во ходниците, тоалетите…“
Изворот додава дека оваа навика е поврзана и со верување познато како „шинтоизам“ (Shintoism), каде што чистењето не е само обврска, туку нешто свето.
„Шинтоизмот има корени во Јапонија, каде што веруваме дека сите природни предмети имаат душа, како дрвја, камења, а ова важи и за секојдневните предмети.
На пример, има верување според кое во едно зрно ориз има седум души“.
Сепак, иако светот има само пофалби за јапонските навивачи, онлајн почна да се дебатира за тоа дали мажите во Јапонија го прават истото и во нивните домови.