Јапонските навивачи го „светнаа“ стадионот на Светско по натпревар, па се соочија со критики: „Зошто не чистите и дома?“
На Твитер вирално почна да се споделува постер на кој се гледаат навивачи кои го чистат стадионот, а има и илустрација на која се гледа како навивач седи во фотелја додека неговата сопруга мие садови.
На постерот пишува „Ве молам правете го ова и дома“, како и „Мажите во Јапонија минуваат најмалку време во домашни обврски“.
„Изгледа дека мажите од Јапонија кои собираат ѓубре на фудбалски стадиони привлекуваат внимание, но времето што мажите од Јапонија го минуваат во домашни обврски е екстремно ниско, дури и според меѓународни стандарди.
Најпрво, се надевам дека ќе почнат да ги делат обврските во домовите“, пишува во описот.
Твитот има над 2 милиони прегледи и илјадници допаѓања, а жената што го објавила споделува и статистики за тоа колку мажите во Јапонија (не) им помагаат на жените во домот.
Таа истакнува дека иако тоа што си го собираат ѓубрето на натпревари е добро, мажите во Јапонија речиси воопшто не учествувале во домашните обврски, ниту во грижата за децата, без разлика што и нивните сопруги одат на работа.
Во коментари, многумина се согласуваат.
„Сите сакаат да го спасат светот, но никој не сака да ѝ помогне на мама со садовите. Ова е познат цитат од американски новинар“.
„Во мажите кои го собираат ѓубрето дефинитивно има и маж кој ја оставил жената сама со мали деца за тој да оди на Светско“.
„Ова навистина се случува. Го прават надвор од дома бидејќи тогаш ги величаат. Но, не помагаат дома. Има вакви луѓе и во моето семејство“.
Сепак, некои сметаат дека не е во право.
„Ова нема врска едно со друго, зарем не? И не се само мажи, има и жени. Однесувањето кое носи почит ги поддржува играчите, а Јапонците сметаат дека кога луѓето ги гледаат како учтиви и чисти, репутацијата се подобрува“.
„Во ред е да се зборува за темата, но дали знаеш какви се приватните животни на луѓето на фотографиите од стадионот?“
„Мажите што јас ги познавам се уредни и чисти“.
Според BBC, жената што ја поттикна дебатата можеби донекаде е во право – тие споделуваат извештај од 2021 година, според кој жените во Јапонија минуваат над три часа дневно во домашни обврски, додека мажите само 47 минути дневно.
Во извештајот биле вклучени семејства каде што работат и двајцата партнери. Кога имале и дете помало од шест години, жените минувале над седум часа во домашни обврски дневно, додека мажите помалку од два.
На Твитер, пак, некои коментираат дека Јапонците го прават ова само кога се во странство бидејќи како туристи, самите сведочеле дека не се случува во Јапонија. Од друга страна, некои велат дека Јапонија е беспрекорно чиста и дека сите се грижат за хигиената надвор од дома.
Без разлика кој е во право во целата ситуација и чија страна би ја зазеле вие, факт е дека сите можеме да почнеме да се грижиме повеќе за природата и нашето опкружување и, ако ништо друго, да си го собираме барем нашиот отпад.
Спирова С. | Црнобело