Брачен пар и позната докторка меѓу загинатите Босанци на Елбрус – телата на алпинистите уште се „заглавени“ на планината (видео)
- Детали
- понеделник, 27 јули 2026
Викендов, планинарска експедиција до највисокиот врв во Европа заврши со трагедија – пет планинари од Босна и Херцеговина загинале на Елбрус, откако ги затекнала силна снежна бура. Меѓу загинатите се и маж и жена кои планинареле со нивната мачка и само еден ден пред несреќата со гордост споделиле дека му се приближуваат на врвот.

Петмина планинари од Босна и Херцеговина загинаа на планината Елбрус.
Телата на планинарите веќе се пронајдени, но поради лошите временски услови, спасувачките екипи уште не можат да ги евакуираат.
Загинатите Босанци биле дел од група со седум планинари кои се обидувале да го освојат највисокиот врв во Европа.
Но, поради силна снежна бура, подвигот заврши со трагедија, а од целата група преживеале само двајца.
Преживеаните планинари се на возраст од 42 и 38 години и сега се наоѓаат на безбедно.
Планината Елбрус, која се наоѓа во Русија, е висока околу 5.600 метри, а планинарите речиси го достигнале врвот кога ги затекнала бурата.
Руската државна медиумска агенција сподели дека спасувачките екипи се борат со суровите временски услови за да ги евакуираат телата, а се споделува и видео на кое се гледа дел од спасувачката мисија.
„Телата на алпинистите се наоѓаат на надморска височина од 5.350 метри. Нивната евакуација ќе биде извршена кога тоа ќе го дозволат временските услови“, соопштија руските власти.
Според локалните водичи, кога групата почнала да се искачува временските услови биле поволни, но потоа времето нагло се влошило.
Брзината на ветрот достигнувала и до 45 километри на час, за потоа да се зголеми на дури 70 километри на час.
Седумте планинари повикале помош во саботата, на 25-ти јули, откако времето на планината нагло се влошило.