Брачен пар и позната докторка меѓу загинатите Босанци на Елбрус – телата на алпинистите уште се „заглавени“ на планината (видео)
Меѓу загинатите се сопружници, Алма и Денис Окановиќ, кои само еден ден пред несреќата објавиле фотографија од искачувањето на планината.
На Фејсбук тие се познати како Trio Fantastico, а со нив била и нивната мачка.
Кога ја објавиле фотографијата се наоѓале на надморска височина од 4.500 метри.
„Успешно ја завршивме аклиматизацијата на височина од 4.500 метри. Вечерва во 1 часот го започнуваме главното искачување.
Стискајте палци – пред нас е најголемиот предизвик досега“, пишува во објавата на Фејсбук.
Меѓу загинатите е и успешна докторка од Босна – Мелиха Чаушевиќ – на која планинарењето ѝ било голема страст.
Впрочем, минатата година таа испишала историја како првата жена од Босна и Херцеговина која го искачила врвот Кинабалу во Малезија кој се наоѓа на висина од 4.095 метри.
Познати се имињата и на останатите двајца загинати – Алмир Кривдиќ и Нермин Талам.
Преживеаните Харис Адиловиќ и Кемал Видимлиќ се спасиле само затоа што едниот од нив успеал да се симне од планината и да побара помош, и покрај тоа што бил повреден.
Како што веќе спомнавме, спасувачките екипи иако ги имаат лоцирано сите тела на загинатите, уште се борат со временските услови и не се во можност да ги евакуираат.
Инаку, Елбрус е највисокиот врв во Русија, но и во Европа и се наоѓа во близина на границата со Грузија.
Планината е позната по непредвидливите временски услови и претставува вистински предизвик за планинарите.
Спирова С. | Црнобело