Аутистично девојче носело само еден модел на фустан - Твитерџиите се сплотија за да ја усреќат
- Детали
- четврток, 11 јули 2019
Неодамна една жена, Дебора Прајс, објавила на Твитер дека има пријателка чија ќерка е со аутизам. Малото девојче сакало да носи само еден фустан, кој веќе не е на продажба, па таа побарала помош за да најде повеќе такви модели.

Името на девојчето е Елси и наводно таа била навистина приврзана за фустанот. Дебора се надевала дека со помош на Твитер ќе најде уште некој со таков фустан што ќе сака да ѝ го продаде. Она што не го очекувала е дека огромен број луѓе ќе ја понудат нивната помош.
Дебора била пријатно изненадена од добрината на луѓето, откако стотици девојки и жени ѝ одговориле на објавата и ѝ помогнале да го најде фустанот.
„Аутистичната ќерка на мојата пријателка го носи само овој фустан. Немојте да судите. Понекогаш луѓето не можат да се справат со одредени нешта и тоа не е важно кога ја гледате големата слика, зарем не? Прашањето е дали некој го има овој фустан од пред 3 години за 11-годишна возраст за да го купиме?“, стоело во нејзината објава.
Само неколку минути подоцна, луѓето почнале да споделуваат линкови од фустанот на eBay, а некои дури се понудиле и самите да го направат. Најинтересното е што дури и продавницата што го продавала фустанот се огласила.

Наводно, тие повеќе не го продавале тој модел, но ветиле дека ќе ја контактираат фабриката за да дознаат дали може да се направи уште некое парче од фустанот.
Една жена ѝ кажала дека го има истиот фустан за 16-годишна возраст, на што Дебора одговорила дека е одлично, бидејќи ќе може да го носи уште неколку години.
Друга жена изјавила дека го има фустанот за 10-годишна возраст и дека со задоволство ќе ѝ го испрати.
Една девојка по име Мила го пронашла истиот фустан што го носела кога имала 12 години, па и таа се понудила да ѝ го испрати.
Дебора била воодушевена од добрината на луѓето кои воопшто не ги ни познава, а се понудиле да ѝ помогнат, па им се заблагодарила на оние кои ветиле дека ќе го испратат фустанот.
„Вие сте неверојатни, а и вашите мајки се исто така неверојатни бидејќи одгледале такви прекрасни ќерки, но вие сте прекрасни бидејќи направивте едно девојче среќно“, напишала Дебора.

Мајката на Елси го искористила Фејсбук за да им се заблагодари на сите што ставиле насмевка на лицето на нејзината ќерка.
„Елси сака да каже огромно благодарам на сите кои ни помогнаа да најдеме уште вакви фустани“, напишала таа.
