Илон Маск прогласен за личност на годината од магазинот Time – како му има помогнато на човештвото?
- Детали
- вторник, 14 декември 2021
Илон Маск вети дека ќе донира неколку милијарди долари за да им помогне на гладните во светот, а досега има помогнато во неколку критични ситуации - дали милијардерот навистина ја заслужува титулата Личност на годината?

Илон Маск беше прогласен за личност на годината за 2021-ва од страна на магазинот Time.
Основачот на Tesla и SpaceX, кој воедно е и најбогатиот човек на планетата, според магазинот, направил многу за човештвото, особено кога ќе се земат предвид неговите напори да го направи вселенското патување достапно за сите, како и планот за колонизација на Марс.
„Тој го менува животот на Земјата и веројатно и животот надвор од Земјата“, гласи изјавата на главниот уредник на магазинот.

Годинава вселенската компанија на Илон, SpaceX, влезе во историјата со првата комерцијална вселенска мисија што ја сочинуваа неколку „обични“ луѓе кои не се астронаути.
Покрај тоа, неговата компанија беше одбрана од страна на НАСА за да го изгради новиот приземјувач за Месечината.
Со Tesla, пак, покрај електричните автомобили, Илон работи и на развивање на хуманоиден робот со вештачка интелигенција кој наводно ќе можеме да го видиме следната година.
„Живееме во период каде што, без разлика дали ни се допаѓа или не, голем дел од нашите животи, дури и во овие мигови на огромна нееднаквост, е оформен од овие богати технолошки лидери“, изјави главниот уредник на Time.

Од магазинот не заборавија да им оддадат почит и на научниците кои имаа огромен придонес во справувањето со пандемијата, доделувајќи им ја наградата Херои на годината.
Наградата им припадна на истражувачите, нарекувани и „чудотворци“, кои работеа на вакцините против коронавирусот – Каталин Карико, Барни С. Греам, Кизмекиа Корбет и Дру Вајсман.
Наводно, технологијата за mRNA вакцини на доктор Карико и доктор Вајсман со години не привлекувала внимание, но им помогна на Pfizer и Moderna да ги развијат нивните вакцини, па тие конечно го добија заслуженото признание.
Доктор Корбет и доктор Греам имале важни улоги во брзиот развој на неколку вакцини против коронавирусот.

Кога станува збор за Маск, дел од јавноста не е задоволна од изборот, најмногу поради некои политички ставови на милијардерот и не толку добрите услови за работа во неговите фабрики.
Сепак, Илон има и многу фанови кои сметаат дека навистина има направено многу за човештвото и дека допрва ќе прави добри дела.
Како Илон Маск се обидува да му помогне на човештвото?
Филтри и нови водоводни цевки во гратче во Мичиген
Во водоводниот систем на Флинт, Мичиген, било забележано опасно високо ниво на олово во 2014 година, а до 2016-та локалните власти изјавија дека ја прочистиле водата и дека е безбедна за пиење. Сепак, локалните жители биле скептични.
Илон дознал за ситуацијата дури во 2018-та, кога вети дека ќе ги среди цевките на домовите со загадена вода.
Истата година, неговата фондација донираше 424.000 долари за лаптопи за средношколците од градот, како и речиси половина милион долари за инсталирање системи за филтрација за фонтаните со вода во сите училишта.
Филтрите се веќе инсталирани и наводно годинава ја поминале последната фаза на тестирање.
Помош за настраданите од ураганот во Порторико
По страшниот ураган во Порторико во 2017 година, 3,5 милиони луѓе останаа без своите домови, но и без најосновни услови за живот како електрична енергија и вода за пиење.
Кратко по ураганот, локалните власти споделија дека ќе бидат потребни шест месеци за да се среди електричната инсталација на погодените места, што дополнително им ја отежнува ситуацијата на луѓето кои се веќе во ужасна состојба.
Тогаш Илон преку компанијата Tesla испрати стотици Powerwall батерии низ 600 локации во Порторико со што наводно бил од голема помош.

Донации на соларни панели
Во 2010 година Илон донираше систем за соларна енергија во гратче во Алабама, со цел жителите да имаат резервен извор на електрична енергија.
Во 2011-та тој донираше 250.000 долари за изградба на систем за соларна енергија во јапонски град оштетен од цунами.
Обиди за позелено општество
Иако електричните автомобили не се изум на Илон Маск, тој дефинитивно ги прослави и ги направи примамливи за сите.
Со Tesla, Илон се надева дека ќе помогне во намалувањето на емисијата на штетни гасови, а со тоа и спречување на климатските промени.

Бројни донации
Илон има донирано и многу пари за разни цели, како:
- 30 милиони за непрофитни добротворни организации во Тексас
- 5 милиони долари за Khan Academy, онлајн платформа која нуди бесплатни курсеви од разни области
- 5 милиони долари за истражувачи од Бостон кои го проучуваат коронавирусот
- 1 милион долари за добротворна организација во Тексас која ги прехранува бездомниците
План за колонизација на Марс
Иако овој план уште звучи како научна фантастика, Илон смета дека можеби единствениот излез за човештвото е колонизирање друга планета.
Па, милијардерот напорно работи на реализирање на оваа цел со неговата компанија SpaceX.
Истовремено, тој пробува да го направи патувањето во вселената многу поевтино и достапно за сите.

Ветување до Обединетите Нации
Илон Маск изјави дека ако Обединетите Нации му објаснат како неговото богатство ќе го реши проблемот со глад во светот, тој веднаш ќе им ги даде потребните пари.
На негово изненадување, од ОН му доставија план со кој ќе им се помогне на 42 милиони луѓе од ранлива категорија да ја преживеат 2022 година. За оваа цел, Илон би требало да донира околу 6 милијарди долари.
Уште не е познато дали милијардерот ќе го прифати предизвикот, но ако го направи тоа, тогаш дефинитивно ќе ја одбрани титулата што ја доби од Time.

Спирова С. | Црнобело