Сијамски близначиња успешно разделени со 10-часовна операција: „Ќе имаат долг и среќен живот“
- Детали
- понеделник, 24 јануари 2022
Кога Меги и Дом отишле на преглед за да го дознаат полот на нивното бебе, лекарот им соопштил дека ќе имаат сијамски близнаци споени кај стомакот. Бидејќи дечињата имале две срца, околу една година откако се родиле им била направена 10-часовна операција со којашто биле успешно разделени.
Во 20-тата недела од бременоста, Меги Алтобели и нејзиниот сопруг Дом дознале дека ќе имаат близнаци. Но, ехо-снимката покажала дека нивните близнаци се сијамски, односно споени кај стомакот.
„Сакавме да го дознаеме полот на едното бебе што мислевме дека ќе го имаме, но излезе дека ситуацијата е многу покомплицирана. Тоа беше надреално искуство“, открива Меги за магазинот Today.
Меги и Дом биле исплашени, но лекарите им кажале дека иако нивните близначиња имаат заедничка дијафрагма и заеднички црн дроб, сепак имаат две срца. Поради ова, кај нив би можело да се направи операција за одделување.
„Нивниот заеднички црн дроб беше доволно голем за да се подели, па ова ги направи одлични кандидати за операција“, велат од болницата каде што била изведена операцијата.
Иако Меги и Дом биле пресреќни што ќе станат родители и ќе можат да ги оперираат нивните дечиња за да им овозможат подобар живот, сепак биле и преплашени.
„На почетокот беше навистина лудо бидејќи и јас и Меги бевме преплашени и не знаевме што ќе се случи“, вели Дом.
Меги се породила во ноември 2020 година, а по раѓањетo близнаците поминале дури 10 месеци на интензивна нега за да бидат добро подготвени за операцијата.
Со цел да ја избегнат секоја можност за грешка, меѓу другото, лекарите направиле и 3Д модел на нивниот црн дроб и на него ја вежбале операцијата.
Иако бебињата биле добро згрижени, 10-те месеци не поминале баш најлесно и имале неколку застрашувачки моменти.
„Кога Лили (едното од близначињата) беше вознемирена, почнуваше да го контролира дишењето. Поради ова, имаше ситуации каде што Ади (другото близначе) не можеше да дише бидејќи Лили беше вознемирена“, открива нивната мајка.
Операцијата била изведена на 13 октомври 2021 година, траела дури 10 часа и, најважно од сè, била успешна. Бидејќи девојчињата напреднуваат добро, родителите решиле сега да ја споделат убавата приказна и со јавноста.
„Да ги видам со нивните посебни тела – беа совршени – беше неверојатно“, вели Меги.
Околу еден месец по операцијата, Меги и Дом конечно можеле да ги однесат нивните близнаци дома. Сега, повеќе од една година по операцијата, на дечињата уште им треба помош за хранење и дишење, но наскоро ќе го надминат и тоа.
Според родителите, пак, иако повеќе не делат едно тело, девојчињата се мошне поврзани.
„Постојано гледаат една во друга, се насмевнуваат и си играат. Секојпат кога се една до друга ги подаваат рачињата за да се допрат“, вели татко им Дом.
„Овие девојчиња ќе имаат долги и среќни животи. Неверојатно е каков е животот“, вели мајка им Меги.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





