„Не можев да најдам добар партнер, па станав сингл мајка на 41 година со асистирано оплодување“
- Детали
- вторник, 03 јануари 2023
„Кога сфатив дека моите јајници буквално умираат и немам многу време, решив да не го чекам совршениот партнер и да забременам со асистирано оплодување со донирана сперма“, вели 41-годишна Стејси која е сингл мајка на 1-годишен син.
Повеќето луѓе се одлучуваат да имаат деца кога ќе го најдат совршениот партнер. За жал, не секој има среќа да ја најде својата сродна душа, но 41-годишната Стејси Томсон од Англија не дозволила ова да ја спречи во намерата да стане мајка.
Стејси, која е сингл, одлучила да забремени со асистирано оплодување со донирана сперма.
Таа вели дека осум години користела апликации за состанување обидувајќи се да најде добар партнер, но секојпат била разочарана.
За Стејси повеќе не било ни забавно да излегува со мажи со кои нема никаква иднина, па почнала да се грижи дали некогаш воопшто ќе најде добар партнер и дали ќе има можност да добие дете.
„Отсекогаш сум сакала да имам дете, но на 41 година, знаев дека времето е против мене.
Мажите кои ги сретнував на апликациите за состанување ми нагласуваа дека само сакале да се забавуваат. Ми го кажуваа ова веднаш откако ќе почневме да комуницираме“.
Додека се обидувала да најде добар партнер, Стејси почнала да прави и тестови за плодност бидејќи била загрижена дека времето ѝ истекува.
„Ги добив резултатите во јули 2020 година, со новоста дека моите јајници буквално умираат. Штом открив дека навистина ми останува малку време, одлучив да одам на асистирано оплодување со донирана сперма.
Искрено, мислам дека не си дадов доволно време да се убедам да не го правам тоа или да се исплашам“.
По три месеци, Стејси останала бремена и сега е горда мајка на 1-годишниот Мајло.
„Знаев дека сум способна да бидам одлична мајка, само навистина би сакала да имам и партнер“.
Иако Стејси е задоволна, вели дека кога споделувала на апликациите за состанување дека сама ќе стане мајка, добивала ужасни коментари од мажи.
„Некои ми велеа: Ако сакаше сперма, можеше само да кажеш“.
Сега Стејси повеќе се фокусира на мајчинството отколку на љубовниот живот, но сака и да им помогне на другите во слична положба како неа.
Поради ова, во 2022 година, таа направила апликација за состанување, но само за луѓе кои сакаат сериозни врски.
„Мојата апликација ги поврзува луѓето кои сакаат сериозни врски, а ова ќе им помогне да основаат семејства. Корисниците сакаат врска, без лагите, игрите и слично“.
Сепак, Стејси вели дека откако се породила, отишла и на неколку состаноци.
„Како нова мајка, навистина немам многу време за нова личност во мојот живот, но уште се надевам“.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





