Бадник и Божиќ во мојот дом во Битола – Баба ми возбудено готви, јас дотеран за во црква

Паметам кога бев малечок, уште во зорите на ладното зимско утро ќе ме разбудеа првите коледари, а баба ми спремна уште од претходниот ден со полна корпа овошје, костенчиња и колачи ќе ги пречекаше пред вратата. „Ајде ајде влезете, не се срамете и погласно пејте“ – беа дел од нејзините коментари. А потоа од кога ќе им дадеше од сè по нешто знаеше да ги праша – „Чиво си бре ти? Не ми си нешто познато, од нашата улица си?“

badnik-i-bozik-vo-mojot-dom-nema-poubavo-toa-se-spomenite-na-moeto-detstvo-01_copy.jpg

Чинам, тој ден коледарската песна ечеше низ цела Битола, низ секој еден сокак се слушаше детскиот џагор. Вистинска магија пренесена преку детето гласник го најавуваше Христовото раѓање. Тоа беа спомени кои секогаш ќе ме навраќаат во детството.

А, набргу после коледарите, ќе се облечевме како што доликува и ќе одевме во градската црква да земеме бадниково гранче, бидејќи за баба ми на бадниковата трпеза тоа го имаше посебното место.

badnik-i-bozik-vo-mojot-dom-nema-poubavo-toa-se-spomenite-na-moeto-detstvo-02_copy.jpg

Патот до црквата беше вистинско патешествие со мојата баба. Ќе застанеше на патот со еден, па со друг, буквално со сите соседи и познаници за да си го честитаат претстојниот празник, а воедно и индиректно да ги потпраша што ќе приготвуваат за божиќната трпеза.

Додека, пак, во црквата ја чекаа сите нејзини пријателки со кои од кога ќе запалеа свеќа и ќе земеа бадниково гранче, ќе почнеа да коментираат и да се жалат дека секоја година има сè помалку и помалку коледари.

badnik-i-bozik-vo-mojot-dom-nema-poubavo-toa-se-spomenite-na-moeto-detstvo-03.jpg

Бадник како ден е од големо значење за моето семејство, тоа било така отсекогаш, а истото е и денес. Сè мора да е во најдобар ред, куќата да е исчистена, трпезата спремна и ништо да не фали.

Баба ми на овој ден беше толку возбудена што не знаеше што попрво да направи. Беше спремна да ги покаже сите свои вештини и умеења што ги знае во кујната. А, како вистински шеф на кујната ми даваше да ги ставам чиниите и приборот на трпезата.

Тивок јануарски ден кој го сплотуваше целото семејство на едно место. А, кога ќе дојдеше вечерта и кога ќе беше сè спремно, сите седнувавме на трпезата која беше преполна со посни јадења.

Во центарот на масата гореше кандилото, кое даваше посебен мирис потсетувајќи дека доаѓа Божиќ.

Гравче тавче, погача, посни питулици со лук, посни сарми, печена тиква со ореви и мед, суви смокви и урми беа само дел од јадењата кои го претставуваа празничното мени на мојата баба.

badnik-i-bozik-vo-mojot-dom-nema-poubavo-toa-se-spomenite-na-moeto-detstvo-04.jpg

Како и во секоја македонска куќа па така и ние, трпезата никогаш не ја раскреваме, ја остававме полна со јадење бидејќи од мал верував дека вечерта треба некој светец да дојде и да јаде.

Следниот ден беше Божиќ. Толку радосен ден што кога ќе погледнев од прозорецот ќе го видев целото соседство како е станато на нозе и е во некакво движење.

Ќе ме дотераа моите родители во нешто ново и ќе одевме во црква, а таму пак вистинска слика како од некоја приказна. Целиот град на едно место, сите со иста цел, сите еднакво радосни. А од таму, право кај баба ми и дедо ми, како што е редот.

badnik-i-bozik-vo-mojot-dom-nema-poubavo-toa-se-spomenite-na-moeto-detstvo-05.jpg

Божиќниот ручек беше уште еден од моите омилени моменти кои секогаш ќе ми останат во сеќавањето. Сè што приготвувале моите дотогаш ќе извадеа на масата. Најразлични кифли, салати, колачи, печено месо...

Еве ме денес, нешто малку поголем од времињата за кои ви раскажував погоре. Си купив едно божиќно дрвце, немам нешто многу лампиони и украси на него, туку го накитив со моментите од моето детство.

Единствено тие ќе зрачат повеќе од кој било украс. Спомените од најубавите периоди во годината – празниците кога го гледаш целото твое семејство среќно и на едно место.

badnik-i-bozik-vo-mojot-dom-nema-poubavo-toa-se-spomenite-na-moeto-detstvo-06.jpg

Ние луѓето сме како свеќа, зрачиме со светлина, но не траеме вечно. Како што за свеќата капките восок се единствениот сведок што сè таа свеќа преживеала, така за нас луѓето сведокот се моментите.

Чувајте ги себично и сеќавајте се на истите. Нека новогодишните и божиќните празници бидат периодот кога истите ќе ги создадете со вашите најсакани.

Среќни празници!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Од Скопје се преселив во Бразил: Китам елка на 37 степени, славам Божиќ на плажа Оваа година китев елка на 37 степени и мојот празничен дух не беше баш расположе...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg