Александар Белов за CRNOBELO лексикон: „По првиот бакнеж, во глава си пеев 'еден бакнеж и магија се стори'“
- Детали
- петок, 13 јуни 2025
„Се каам што по завршувањето на Операција триумф се уплашив од продукцијата и договорот со продукциската куќа, па ја испуштив правата станица за успех, што поради нив не ги искористив моите 5 минути“ - напиша Александар Белов во нашиот лексикон.

Пејачот Александар Белов за себе вели дека никогаш не бил срамежлив тип, иако се „плашел“ да не се избрука пред првиот бакнеж.
Тој се потпиша во лексиконот на CRNOBELO.com, а таму ни откри како ја уништил метеоролошката станица во Демир Капија, од што има најголем страв, но и кој лик од цртаните филмови би сакал да биде.
Прочитајте што напиша Александар во нашиот лексикон:
1. Како се викаш и дали имаш прекар?
Александар Белов, прекар немам т.е не прифаќам да имам.
2. Колку години имаш и што си во хороскоп?
Роден сум одамна, 07.02 1987, во хороскоп сум Водолија.
3. Која ти е омилена песна? А пејач и пејачка?
Тешко прашање. Омилена песна за некој што се занимава со музика е прашање без одговор...
А пејач и вчера и денес и утре и засекогаш Тоше Проески, пејачка Каролина, логично.

4. А омилена книга?
„Моќта на сегашниот миг“ од Екарт Тол.
Во последно време оправдано и немам многу време за книги, но се надевам дека темпото на животот малку ќе успори па ќе имам повеќе слободно време.
5. Омилен глумец, глумица, филм, серија?
Уффф, овој лексикон баш се појави кога сум во дефицит со слободно време, ха, ха.
Не гледам моментално ама баш ништо освен репризи од Андрија и Анѓелка и Пепа Прасе, ха, ха.
Така што, Андрија Милошевиќ и Анѓелка Стевиќ Жугиќ ми се моментално омилени.
6. Имаш ли омилен спорт, клуб, спортист? За кого навиваш?
Е, за ова имам време секогаш ха, ха. Омилен спорт фудбал и Формула 1.
Навивам за Арсенал и за Макс Верстапен.

7. Имаш ли милениче? Како се вика?
Јас немам, али опкружен сум со нив, како во нашата улица така и кога ќе стигнам на работа ме чекаат Радомир и Брена (кучињата на мојот колега) кои се секојдневно во радио и некако црпам позитивна енергија од нив.
А можеби во блиска иднина ќе се решам за тој чекор да имаме и ние некое милениче затоа што мојата ќерка обожава животни.
8. Која е најчудната/најсмешната порака што си ја добил на Инстаграм?
На Инстаграм секојдневно добивам интересни рилсови и во последно време на Инстаграм времето го поминувам на смеење со пријателите. Не водам дебати и не се допишувам.
9. Што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш?
Ќе звучи можеби чудно, но оние кои ме знаат и познаваат од дете знаат дека отсекогаш сум сакал да пеам, па ете таа желба ми се оствари.
А, ќе бидам искрен и ќе кажам дека и мојата втора љубов ми стана реалност, а тоа е радиото.
Така што, јас сум можеби еден од ретките луѓе кои ја имаат таа среќа да се занимаваат со професиите за коишто од дете сонувале.

10. Кој ти е омилениот пијалак? А храна?
Омилен пијалак ми е вода. Не консумирам алкохол, ја немам таа навика.
А кога станува збор за храна тука е подолг списокот. Италијанската кујна ми е на прво место а не верувам дека постои некој што ја избегнува ха, ха.
Не сум по месото па затоа можеби сум се одлучил за таа храна.
Секако тука е и домашната храна -не може да помине недела без гравче, не го менувам за никаков специјалитет.
11. Кој ти е најдобар другар/ка? Колку долго се дружите?
Среќен сум што и до ден денес се дружам со другарите со кои ги направивме првите чекори како првачиња пред 30 години.
Иако сме малку далеку, сепак денес е лесно да се дружиме онлајн и да го одржиме нашето другарство.
Некако успеавме и нашето другарство да го потврдиме, па станавме и кумови, што е доказ дека вистинско другарство меѓу нас постоело и ќе постои.
Тоа се моите другари од Демир Капија и драго ми е што тоа прво искрено другарство и ден денес трае.
12. Каков ученик беше? Кој ти беше омилен предмет?
Во основно и средно бев одличен ученик, во средно примав и стипендија.
И ден денес се сеќавам колку бевме среќни кога некој ќе кажеше дека стипендијата е стигната на сметка ха, ха.
Омилен предмет во основно ми беше музичко, во средно знам дека не сакав клавир затоа што бев фокусиран на мојот инструмент флејта, а сè останато ми беше омилено.

13. Кој ти е идол (а да не е позната личност)?
Немам идол, некако низ животот сам секогаш го пронаоѓав правиот излез и правиот патоказ.
Интуицијата е мојот верен пријател, единствен кој за сега не ме изневерил.
14. Кога би можел да си лик од цртаните, кој лик би сакал да бидеш?
Уфф, можеби Текнувало од штрумфови... Така се викаше?
15. Кои ти беа најомилени игри во детството?
Другарите играа фудбал, јас ракомет т.е шутирав само седмерци ха, ха.
Во мое време не беше ракометот толку актуелен. Жмурките ми беа секогаш интересни.

