Ако си мангуп и порачуваш скапи вина на групна кафеанска седенка, тогаш остави си плус пари како господин

Имате ли и вие некој Mистер Џек во друштвото што нарачува 5 вина од по 100 евра на кафеанска средба, а потоа очекува рамномерно делење на сметката? Живее на висока нога ама нема манири да ги поштеди другите од финансиска траума, која тој им ја приредил, па превртува со очи. Делење на сметката во кафеана - секогаш сум за, освен кога има вакви поединци. Кој е вашиот став?

ako-si-mangup-i-porachuvash-najskapi-vina-na-grupna-kafeanska-sedenka-togash-ostavi-si-plus-pari-kako-gospodin-01_copy.jpg

Секогаш сум за делење на сметка во кафеана кога седи големо друштво, навистина нема потреба од вадење на калкулатор и кој колку изел или испил – некако ќе ја уништи целата атмосфера… Јас 7 пива, ти 4 уза.

Но, всушност, да бидам искрена, сум понекогаш против рамномерна поделба на сметка, а тоа е кога среде друштвото, кое е горе-долу на иста бранова должина ќе се најде еден мангуп кој ќе испие 10 Џони Блек и ќе нарача 5 вина од по 100 евра.

Во ред е, топ примања, успеси, висок животен стил, секоја чест! Воопшто не сум за овој човек да пие нешто што му е под „класата“, но кога веќе прави таков тип на нарачки, кои сосема отскокнуваат од сè претходно нарачано, тогаш во ред е на крај да изјави дека ќе остави 100-200 евра плус, па другите нека ја поделат сметката, затоа што ете тој имал мерак за тоа и не сака сега финансискиот товар за неговата боемштина да ја натовари на туѓи плеќи.

Некои луѓе навистина имаат ограничен буџет, а при тоа сакаат да си дозволат кафеана.

Но, ако не им е предебела банкарската сметка, тоа не значи дека не смеат да излезат од дома и да се дружат, зарем не?

Значи да нагласам не мислам на тоа јас дадов 200 денари, плус, ти 300 минус, зборувам за екстремни ситуации кога некој навистина се издвојува.

Плус, тој човек што живее на таква висока нога треба и самиот да има манири и да понуди плус пари за сè што си нарачал, фер е нели?

Понекогаш поради некое вакво екстремно истакнување на поединци, кои не можат да си дозволат да пијат жолта во име на друштвото, туку мораат строго виски од одреден бренд се распаѓаат цели друштва.

Зошто? Затоа што останатите од друштвото едноставно немаат финансии да се носат рамо до рамо со овој Mистер Џек.

Тие од срам најчесто не коментираат ништо јавно, но следниот пат кога ќе се најави групна собиранка измислуваат стомачен вирус или температура или патување или работна обврска.

И еднаш, двапати вака и друштвото се распаднало.

Еден по еден како паднати воини сите се повлекуваат и на крај Mистер Џек останува сам.

Згора на сè уште и ќе коментира за нив и ќе гледа со потценување на нив.

Извини, но не сме се родиле сите со златна лажичка или со кликер да направиме милиони, но тоа не значи дека не смееме да си дозволиме кафеана со друштвото.

Па, на крајот од денот битна е смеата и муабетот, а не кое врвно вино сме го испиле и врвен специјалитет послужен лично од рацете на главниот готвач сме го изеле.

Во ред и тоа има убавина, не велам не, но велам дека не е приоритет и дека дружбата не треба да биде предодредена од тоа кој како и колку финансии има.

Кога сме сите заедно на еден астал ќе се прилагодиме, кога сме сами ќе си пиеме и шампањ на Месечината со новата комерцијална линија на Безос.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
„Син ми инаку прозборе на 10 месеци“ - Во ред мамичке, гледам, сега личи на иден претседател на држа... „Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“... Деца се, не сакам да коментирам, н...
Сара Климоска за CRNOBELO лексикон: „Во основно бев златно дете со сите петки, а во средно ме фатија... „Лажев дека одам кај другарка ми во истата зграда и облекував пижами преку облек...
„Син ми (2) ме удри со глава, речиси ќе завршев со скршеница во Државна болница - Мајки, вака тешко ... Во животот никој ме нема „малтретирано“ како моето дете. Добро, јасно е и дека н...
Александар Митевски за CRNOBELO лексикон: „Малку ми е незгодно кога во кафеана ќе засвират и некоја ... „Една работа за која се каам во кариерата се политички кампањи и политика. Со го...
Брат, таа седеше сама во кафеана во Скопје на Боемска, си пиеше пиво и убаво ѝ беше - таква жена дај... Брат, вчера седам на Боемска со другарите, онака лабав неделен ручек, се смееме ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg