Бев на ургентно во Скопје 3 пати во една седмица и сфатив колку сме неблагодарни за сè

По игра на случајноста наречена живот, се најдов во една седмица 3 пати на ургентно во Скопје.
Сè добро заврши и нема да коментирам што конкретно видов и на што посведочив таму, туку само ќе кажам... Неблагодарни сме!
Неблагодарни за сè што имаме.
Само едно трепнување на око и животот ни се менува од корен.
И дури тогаш сфаќаме дека нашето нормално секојдневие, за кое на моменти се жалиме и дека е здодевно, всушност било совршено, само сме го земале здраво за готово.
Дури и таа една мала рутина која ја правиме секој ден, всушност треба да ни биде задоволство затоа што некој воопшто ја нема можноста за тоа.
Само половина час на ургентно и ќе сфатиме дека животот е овде и сега.
Дека утро вакво како денешното не ни е загарантирано, ниту живот за каков досега знаевме.
Тој половина час ќе ви покаже дека тревата на соседот не е позелена, туку дека вашата ја има најубавата зелена нијанса која можевте да си ја замислите, само вие се презаситивте од секојдневно гледање кон неа и во еден миг престанавте да ја цените.

И кога сето тоа што го имавте ви се слизна низ прсти, како да прогледавте. Појасно од кога било.
Дека ви е убаво, дека животот ви е убав, дека имате луѓе што ве сакаат, дека сте токму на местото каде што треба да бидете и дека само денешниот ден ви е загарантиран таков каков што го очекувате... Па, дури ниту тој не ви е загарантиран.
Животот си знае така некогаш спонтано да ве потсети дека подзаборавивте да ги цените работите што ги имате, па дури и луѓето што ги имате.
Апетитите ви станаа преголеми, подзаборавивте на малите секојдневни радости, на сите мали победи, на сите остварени мали цели... Затоа што тие всушност се оние важните, оние кои го прават животот убав и исполнет и дека некогаш здодевното е убаво и дека всушност мирот, стабилноста, безбедноста не се здодевни, туку се рецепт за среќа.
Некој за тоа сонува, а вие си го дадовте луксузот да престанете да ги цените.
Не, не ви се засекогаш дадени, ниту послужени затоа што ете ги заслужувате, чисто ја имавте среќата да ги добиете и животот ве потсети да си ги цените.
Убав е мирот, убаво е заспивање без грижи, колебања, без мислења и промислувања.
Убаво е да верувате и да ви веруваат, убаво е да си кажете: „Еј, всушност среќен/а сум. Ти благодарам животе“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело