Зошто сите во Скопје се разведуваат?
Дали и вие имате чувство дека во Скопје владее епидемија на разводи?

Не знам за другите градови низ Македонија, но во главниот град ситуацијата е алармантна.
И тоа не само одреден профил на луѓе, или од одредена возраст. Буквално во секој круг и насекаде.
Дали се тоа недоволно „изживеани“ личности во 30-тите кои избрзале со одлуката брак или, пак, се одлучиле на брак само поради бременост, дали тоа се луѓе во 40-тите, кои стапиле во брак по 10 години врска, а веќе љубовта била „умрена“ или, пак, во 50-тите кои на прагот од менопаузата буквално се изместиле од колосек, па одлучиле дека е време да живеат втора младост и тинејџерски филм.
Апсолутно, од сите генерации насекаде околу мене слушам за разводи.
Во ред е, постојат навистина оправдани причини и за токсичните бракови дефинитивно сметам дека „лек“ е разводот. Но, ме чудат оние другите.
Оние кои до вчера ми беа пример за идила и убаво функционирање.
Што се случи со нив?
Дали станавме премногу своеглави, премногу полни со сами себе, што подзаборавивме како е да се функционира во брак?
Дали она „јас, јас и само јас“ и чувството дека мора да се граба, дека се може подобро, се може повеќе е виновно за распадот на бракот како институција?
Она што го гледавме како далечно на Западот, како да дојде и кај нас.
Повеќе нема почит кон традиција, семејни вредности, кон завет за љубов.
Сега, апетитите ни се толку пораснати што сме постојано ненаситни по повеќе.
Партнер со повеќе пари, партнерка со помалку години, партнер оваков, партнерка онаква... Што се случи?
Па, нормално е, секогаш има повеќе и подобро! Но, ако тргнеме така, каде ни е крајот?
И од најубавата има поубава и од најубавиот, најдобриот, најпрошетаниот, најамбициозниот или што и да е, има некој што е на ниво плус.
Ајде малку да се стопираме, да подзастанеме и размислиме што имаме дома, да се потсетиме колку тоа е вредно, да престанеме да го земаме здраво за готово, да почнеме да го цениме и активно да работиме на тоа таа заедница да опстане...
Ако го направиме ова, можеби разводот нема да биде одлука така лесна како кои чевли да ги облечам денес или до која продавница да тркнам да земам кафе?
Мене барем оваа одлука не ми личи дека треба така од ракав да се вади, без претходно промислување и вложување барем малку труд во тоа работите да опстанат.
И не, не ме сфаќајте погрешно, не зборувам за ситуации каде има неверство, малтретирање или љубовта згаснала пред една деценија. Зборувам за оние избрзаните разводи, кои како да се во „тренд“ денес.
Го имате ли истото чувство?
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
