Си уплатив СПА во Скопје и уживав без мобилен и вознемирување - Сум заслужила
Работам од мојата 17 година, фала му на Бога заработувам солидно - зошто да не можам повремено да си се „истинтрам“ за сите пари, што би рекле? Па, сум заслужила!

После којзнае колку време, вчера бев во спа. Тоа обично го правам кога сум на патување.
Некако, одењето во спа во хотел во родниот град, каде што треба да уплатам за неколку часа уживање, ми е чудно како концепт.
Но, пред некој ден решив дека треба да си се почестам релаксирачка масажа, базен, да се „испарам“ во турска бања и да чувствувам како ми течат капки по лицето и телото во финска сауна.

Па ако го правам тоа кога сум далеку од Скопје, зошто не и дома?
Зошто да не уживам неколку часа растоварена од мисли поврзани со работа, обврски, проблеми, ситници кои мои тежат над главата?
Зошто да не си дозволам малку хедонистично опуштање без мобилен телефон и вознемирување?
Работам од мојата 17-та година, заработувам солидно, се трудам, се вложувам, придонесувам и за домот - па сум заслужила на овие години (кои полека одат накај 50) неколку часа раат за себе и со себе.
Облеков бикини, седнав на едно од загреаните мермерни столчиња, и под влијание на релаксирачката музика - почнав да медитирам (добро, не да медитирам, но да се ослободувам од мислите што ме мачат, од размислувањето за обврските, разговорите, плановите).

Малку пареа во турската бања, малку жештина во финската сауната, околу половина час масажа како да ме препородија.
„Зошто да не го ова правам почесто? И зошто не сум го правела до сега?“ - се запрашав.
Математиката е дека чини малку повеќе од едно излегување во ресторан кај нас.
Ако можам да излегувам на јадење, пијачка или кафе често, зошто едно од тие излегувања да не е само за мене и мојот психички мир?

Не дека одеднаш „прогледав“, па некому солам памет, секој си ги знае желбите и можностите, но сакам да кажам - зошто барем да не пробате?
На крајот на денот, барем еднаш во годината ставете си се на прво место и дозволете си неколку часа без мобилен телефон, итни меилови, без сето она што „ве притиска“, мачи, ве тера да живеете брзо, стресно... само вие и времето за вас.
П.С. Тоа што во базенот во спа-центарот имаше семејства со мали деца кои плачеа и викаа, малку ми го уништи концептот на зен, но, решена да уживам - се преправав дека не се тука.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Depositphotos.com
