„Некултурата на мајка во Градски парк ме разочара - Скопје мое, каде погрешивме?“
Одејќи утрово накај работа, се разминав со млада мајка која туркаше насмеано девојченце во количка. Ѝ велам: „Каква насмевка има, многу е слатка“. Мајката само ме одмина - дали направив нешто погрешно?

Секое утро околу 7:30 одам на работа преку Градски парк.
Во тоа време во паркот обично сме јас, неколкумина луѓе што си ги шетаат милениците (со дел од нив почнав и ‘добро утро’ да разменувам), луѓето кои се грижат за хигиената на паркот и по некоја жена или маж кои брзаат за на работа.

Но, откако затопли, во паркот во тоа време има повеќе луѓе - трчаат наутро наместо попладне кога е спарно, баби си ги шетаат внуците, а и повеќе се на број оние што се шетаат со своите миленици.
Иако во тоа време паркот ми делува идилично, денес бев непријатно изненадена.

Спроти мене поминуваше мајка која ја туркаше количката со својата мала ќеркичка.
Девојчето, не постаро од една година (можеби немаше ни толку), седеше исправено и гледаше околу себе со огромна насмевка.

Додека се приблжувавме една кон друга, девојчето не престана да ме гледа и да се смее, а и јас насмевнато гледав во неа - убава енергија за убав почеток на денот.
„Каква насмевка има, многу е слатка“ ѝ се обратив на мајката.

А таа - само помина покрај мене. Без збор. Дури и како да го забрза чекорот.
Подзастанав за секунда и се замислив - што направив погрешно?

Си помислив, да не не ме разбрала, можеби не зборува македонски, но, мислам дека изразот на моето лице кажуваше дека изговорив пријателски коментар.
Хмммм.... одев и се чудев. Не ја напаѓам мајката, далеку од тоа, но, ете, почувствував непријатност во тој момент.

Можеби мајката имала непреспана ноќ, лошо утро, можеби бебето плачело 5 минути пред да се разминеме.
Има многу „можеби“ причини за нејзиното игнорирање, но кога некој ќе ти пријде со насмевка и ќе каже нешто убаво, не е во ред да го одминеш дрско. Или јас размислувам погрешно?

Јас сум од онаа генерација која ја воспитувале дека треба да се поздрави повозрасен, да се каже добар ден во лифт, фала на касиер(к)ите, убав ден кога си одиш од некаде... Денес... денес е поинакво време.
Токму затоа ова ме натера да се запрашам: „Скопје мое, каде ја загубивме културата?“.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
