Вчера се вратив во Скопје - Зошто засекогаш ќе останам турист кој „трча“ за да искуси сè од дестинацијата?
Не сум јас човек кој некогаш би си кажал: „Леле, што убаво се наспав и одморив на тоа патување“, туку човек што копнее по чувството на возбуда од секое новооткриено катче од посетената земја. Тим „патник Кинез“? Останувам засекогаш! Од местата грабам, а после турбо патувањето на Малта овој пат, вечер ќе се одморам дома во Скопје. 25.000 чекори на ден на дестинација? Како од шега!

Вчера се вратив од патување и одново ме прашаа: „Одмори ли? Или сè беше на трчање?“
И како да објаснам дека јас не одам да одморам и секогаш одморам дома, по патувањата. А таму? Трчам, грабам, брзам сè да видам, почувствувам, доживеам и за мене тоа е смислата на патувањето, за мене тоа е среќа на патување - во буквална смисла на зборот.
Односно на патувањето сепак одморам, но тоа е психички одмор и тоа е тоа што ми е потребно.
Физички одмор? Еве вечер дома во Скопје со серија и со гушкање со саканите. Ќе се „изналежам“, што би се рекло.

Мене, лично, како турист дестинациите не ми се за одмор, добро неретко ако дојдам до таков степен на исцрпеност и една седмица на море или викенд на бања, можам да минам мирно, но дури и тогаш гуглам што може да се види во околината.
Мене патувањата не ми се за одмор, туку за да го видам светот и да „зграбам“ што повеќе од нив.

За себе и партнерот, неретко се шегувам дека сме Кинези во душа, бидејќи тие како туристи ми се симбол за такво интензивно шетање на дестинациите.
Добро, сепак Балканци во душа, затоа што боемот во нас не смее да трпи, па така секогаш, апсолутно секогаш, мора да има време за кафе, винце, добар оброк за да се почувствува вибрацијата на градот.

Посета на сите најатрактивни локации на одредената дестинација, но и губење по улици каде живеат локалците за мене е „must“!
Ако отидам на место каде од топ 5 атракции не посетам една, тогаш буквално имам „срцебол“.
Еве овој пат не ја посетив Сината Лагуна на Комино во Малта, поради временски непогоди, и веднаш ја размислувам Малта како идна повторна дестинација (пак во пролет, не во летна сезона), иако во принцип сум човек што не (сака да) се враќа на исто место двапати.

Зошто не сакам? Затоа што светот е толку голем, а ресурсите, без разлика дали тоа е време или финансии или нешто трето, ограничени, па така секојпат кога патувам сакам тоа да биде на ново место, да осознаам ново катче и да се вратам побогата.
Побогата со восхит за прекрасна архитектура или за тоа како таму се живее или за ново искуство, па така со задоволство би ги посетила и пазарите во Индија каде што велат дека трчаат стаорци или пак би се разбудила во некој манастир среде некоја недојдија за да видам како живеат монасите.

