Вчера се вратив во Скопје - Зошто засекогаш ќе останам турист кој „трча“ за да искуси сè од дестинацијата?
И да, ако треба притоа да си го исцрпам и последниот атом физичка сила за да стигнам дотаму ќе го направам тоа, затоа што убавините на светот кои ги гледам за мене се психичка сила и одмор и потребната релаксација која едно патување ми ја дава.

И не дека не сум била на одмор во ресорт. Но, таму? Таму сум „заробена“ на исто место, на иста плажа, во исто време на појадок, ручек, вечера и буквално секој ден ми е предвидлив и ист како претходниот. Ниту возбуда од новото, ниту адреналин што ново ќе дознаам и видам.
И таму ги уплаќам апсолутно сите можни екскурзии кои ги нудат агенциите! Буквално, половина одмор залудно го плаќам ресортот.

И од секој тип на (динамично) патување учам и растам како човек и парите потрошени на патување за мене се најдобрата инвестиција која некој може да ја направи.

Без разлика дали станува за тура со автобус и притоа патувам цела ноќ, или пак авионско патување во свој аранжман или со магариња (ова метафорички) се качувам во некое рурално место на планина, каде што другите велат дека пиле не пее... Мене секое патување ми е искуство, богатство, ми ја размрдува крвта, прави да се чувствувам жива.

Излегувам од рутина, од исти разговори, од луѓе со, за мене, веќе добропознати (животни) приказни...
Гледам и запознавам луѓе надвор од мојата комфор зона, се восхитувам на својата флексибилност и социјализација и желба да ја чујам сечија приказна.

