Вчера се вратив во Скопје - Зошто засекогаш ќе останам турист кој „трча“ за да искуси сè од дестинацијата?
Сфаќам колку убавината на светот е во очите на набљудувачот и сфаќам дека мојата засекогаш омилена карактерна црта ќе ми биде таа што фокусот ми е на убавите страни на луѓето, на убавите страни на местата...

Мене буквално срцето „ми пее“ од секоја нова средба, разговор, видено место, ќоше и без никаков проблем ќе поминам 25.000 чекори како од шега и ќе посветам време за разговор со келнерот наш печалбар, среде туѓа земја...

Буквално после цел ден грабање што повеќе да видам од некоја нова земја и трудејќи се секој миг да го овековечам во мојот ум, но и со фотографија, затоа што за 10 години од сега спомените бледнеат, колку и да сте човек што мрази да се слика и ме „осудувате“ (мене и сите нас зависници од добри фотки) верувајте за нас нема поубаво кога ќе си ги гледаме фотографиите години подоцна и ќе кажеме „Леле, види каков совршен тиркиз беше овој залив“ или „Види ама бев убава и полна со страст за живот како млада, како тоа да му го пренесам и на моето дете, како да го научам не само да постои, туку буквално да граба и да живее во секој еден миг од животот?“...

Не сум јас човек кој некогаш би си кажал: „Леле, што убаво се наспав и одморив на тоа патување“, туку човек што ќе копнее по чувството на возбуда на секое ново катче, на секое ново симнување од кое и да е превозно средство на одредена локација и на секоја нова фотка, која според моите критериуми, ми го одзема здивот.

Тим „патник Кинез“? Останувам засекогаш! Барем додека ме држат нозете, слично како и она другото - ќе се смеам додека имам заби, па дури и потоа.







©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
