Остававме пораки под клупа на симпатијата - Работи што будат носталгија кај сите што растеа пред мобилните телефони
Дали сте од онаа генерација што растеше пред мобилните телефони, излезени надвор со другарчињата? Ако одговорот е „да“, овој текст е за вас.

Денес возрасните знаат да кажат дека во нивно време било поинаку, дека животот бил поедноставен пред мобилните телефони, кога децата не го поминувале цел ден пред телевизор, туку надвор, во трчање и дружење.
Се сеќавате ли на летата кога не сакавте да се приберете дома, кога фотографиите се развиваа од филм (и не знаеше што ќе излезе на фотката), кога на симпатијата ѝ остававте ливче со љубовна порака под клупата?
Тогаш поврзувањето не значеше „скролање и лајкање“, туку ѕвонење на врата и прашање: „А може Тоше да излезе надвор да си играме?“
Животот беше побавен, досадата и чекањето беа лекција дека мора да имаме трпение, а малите непријатности нè учеа на снаодливост и креативност на начин на кој не може да нè научат мобилните телефони.
Кои 10 работи ќе ги разберат само оние што растеа пред мобилните телефони (и ќе им предизвикаат носталгија)?
Им вртите на пријателите на фиксен и имате трема да не се јави татко им
Се сеќавате ли на паниката кога се јавувате кај другар или кај симпатијата, а во главата си повторувавте: „Добар ден, дали е Марко/Ана дома?“.
Ама, кога ќе се јавеше неговиот/нејзиниот татко, со строг глас, го заборавате и сопственото име, нели?

Чекате да се развијат фотографиите
Не знаевте дали е фотката успешна додека не го развиевте филмот. Имавте 24 или 36 обиди за фотографирање и секој клик беше важен.
Сетете се и на разочарувањето кога ќе видевте матни фотографии или кога пола фотка е покриена со прст, па дел од луѓето не се гледаат - но сите тие денес имаат многу душа.

Се губевте без Google Maps
Пред да се појави навигацијата, губењето беше составен дел од животот - посебно кога ќе тргневте на море, на нова дестинација.
Сите имаа хартиени мапи во автомобилите, се следеа таблите на кои беа испишани имињата на градовите, а до крајната локација често имаше и погрешни скршнувања.

Остававте пораки на симпатијата под клупа
Ако учевте во исто одделение со симпатијата, сигурно барем еднаш сте му/ѝ оставиле порака под клупа, свиткана на неколкупати, за да не може никој да ја прочита.
И сигурно се молевте наставничката да не ја најде и да ја прочита на глас пред сите.

Снимавте на касети и ЦД-ња
Денес постојат музички платформи и виртуелни плеј листи, а во минатото касети и ЦД-ња на кои сами си снимавме музика и си ги креиравме по наша желба.
Касетите ги премотувавте со молив, се нервиравте ако се извлечеа и оштетеа...

