А за ајвар, Г за гостопримство, Ѓ за ѓеврек - Македонија од А до Ш

Кога треба да ја опишете Македонија во неколку зборови, веројатно тешко се одлучувате кои се вистинските. Колку што има маани, толку има и свои незаменливи убавини.

azbukata-na-makedonija-ubavinata-maanite-i-dusata-od-a-do-sh-01.jpg

Почнувајќи од традицијата, па сè до денешно време и целата модернизација, Македонија е преплет од различни нишки.

Но, ако секој подобро размисли, може да издвои барем по едно нешто на секоја буква од македонската азбука која го асоцира на нешто препознатливо.

Ова се нашите асоцијации:

А – ајвар

Ајварот е македонски традиционален специјалитет кој нема кој не го обожува. Токму сега на почетокот на есента мирисот на печени пиперки од дворовите е оној што ви ја топли душата и ве враќа во детството.

Б – бурек

Тазе топол бурек со сирење, месо или спанаќ и чашка јогурт. Појадок од кој ви доаѓа баш прсти да излижете.

В- возови

Можеби повеќето се стари и дотрајани, но сè уште тропотат по шините и крстосуваат речиси низ цела Македонија. А патувањето со воз е едно посебно искуство и уживање во неверојатните природни убавини кои само така може да ги видите.

Г- гостопримство

Тоа е првата одлика која ќе ви ја каже некој што ја посетил Македонија и што го запознал македонскиот народ.

Д – деноноќие

Тука се живее и дење и ноќе. Особено поголемите градови каде ноќниот живот е исполнет со забави до доцна иако веќе следното утро е нов работен ден. Овде енергијата се троши до максимум.

Ѓ – ѓеврек

Ѓеврек за 10-15 денари, топол и штотуку изваден од фурна. Навидум обично лепче со сусам, а се топи во устата како највкусна погача.

azbukata-na-makedonija-ubavinata-maanite-i-dusata-od-a-do-sh-1

Е – езера

Три природни и многу вештачки, но сите прекрасни. Можеби немаме пространо море или океан, но преубавите Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро или планинските како Мавровско, Пелистерски Очи, Беровско се оние кои ве оставаат без здив.

Ж – Желба

Македонците се полни со желби. Секој посакува нешто подобро, нешто поинакво и секогаш имаат нови желби. Тоа е она што ги одржува во живот, да се постигне нешто поголемо и да има кон што да се стремат.

З – зеленило

Иако во градовите сè помалку го има, околу нив и во селата се крие недопрената убавина и зеленилото кое ве релаксира со природа како на ниедно друго место.

Ѕ – ѕидови

Стари ѕидови во некои заборавени места сведочат за некое дамнешно време, за некоја историја. Ѕидови како рушевини и болни сеќавања, но и ѕидови полни со графити кои го бојат сивилото на градовите.

И – име

Тоа е она што ни е свето. Името Македонија. Она што е постојана полемика за другите, но единствена вистина за нас.

Ј- јаболка

Ако некое овошје е заштитен знак за оваа малечка земја, тоа е јаболкото. Тетовско, ресенско, преспанско, кое од кое повкусно.

azbukata-na-makedonija-ubavinata-maanite-i-dusata-od-a-do-sh-2

К – кафе

Црното вкусно македонско или турско кафе. Од него почнува сè. Првото утро, попладневното дружење и вечерното излегување. Најголемите пријателства почнуваaт и се одржуваат со дружење на кафе.

Л – локум

Крушевски локум. Тоа е посебен рецепт и посебно задоволство кое ви се топи во устата. Го има со секакви додатоци и подготвуван од вистински крушевски мајстори. Традиција стара долги години и надалеку пофален вкус.

Љ – љубов

Љубов во сите форми. Мали и големи љубови му пркосат на модерното лудо живеење и се чуваат цврсто. Љубовта меѓу пријателите, љубовта кон партнерите, љубовта кон родителите и децата, љубовта кон татковината. Таа ни го грее срцето.

М – мостови

На секоја река има по некој мост. Некои нови тазе изградени, некои стари со векови. Но, важно е да ги има. Мостовите кои сите нè поврзуваат или мостовите кои немо сведочат.

Н – „Нема“

Многу чест одговор, особено кога се работи за пари.

Њ – њам, њам

Тоа ви доаѓа да си направите кога ќе помислите на македонската трпеза или на кујната од вашите мајки и баби. Гравче, чорба, пити, макала...њам, њам.

a-za-ajvar-g-za-gostoprimstvo-gj-za-gjevrek-makedonija-od-a-do-s-1.JPG

О – Охрид

Ако некој град е исконска убавина, ако некој град е свето место кое на секој чекор ја зборува историјата и ако некој град ви ја нуди сета убавина на дланка тоа е Охрид.

П – планини

Македонија е планинска земја. Од сите страни опкружена, но никогаш затворена. На македонските планини може да ја почувствувате слободата. Шара, Китка, Кораб, Баба, Галичица...буквално го одземаат здивот и ви ги полнат очите.

Р – ракомет

Ако за некој спорт најмногу нè бива, тоа е ракометот. Најголемите ракометни клубови се меѓу најелитните тимови на Европа, а резултатите кои ги постигнуваме се врвни. Тие се оние кои нè прават посебно горди.

С – Скопје

Скопје е главната метропола. Тоа е градот кој лесно им влегува под кожа на сите кои го посетиле. Градот во кој се меша старото и модерното, традицијата и трендот

Т – Тоше Проески

Тој е нашата легенда. Нашата најголема музичка ѕвезда. Тој ни е и најголемата болка, но и најубавото сеќавање. Тоше е нашата гордост и препознатливост.

Ќ – ќебапи

Познатата 10-ка со кромид сè уште се служи низ чаршиите во градовите. Десет ќебапи се сосем солиден ручек, а со нив доволно ви е малку кромид и буковец.

a-za-ajvar-g-za-gostoprimstvo-gj-za-gjevrek-makedonija-od-a-do-s-7

У – улици

Многу улици и многу сообраќај, особено во поголемите градови. Во оние помалите, сообраќајот речиси и да го нема, па сите се некако тука и блиску, се знаат соседите, се дружат децата, се движат по нив и се шетаат.

Ф – филиграни

Уметност, занает, традиција и убавина. Филигранскиот накит е вистинско македонско богатство.

Х – храна

Македонската храна е посебна приказна. Разновидна и вкусна. Нашата традиционална трпеза е она за што сите зборуваат и она што не можат да го заборават.

Ц – цркви

Земја на цркви и свети храмови. Најмногу ги има православни исполнети со богати иконостаси, фрески и икони. Само во Охрид има 365 цркви.

Ч – чекање

Повеќето работи во Македонија често се ставаат на подолго чекање. Тука колку што сите брзаат, толку и сите нешто чекаат. Некој чека автобус, некој документи, некој келнери, некој пари, некој љубов, а некој и подобар живот.

Џ – џамии

Македонија е сплет на религии. Низ градовите каде што живее мешано етничко население се наоѓа приближно ист број на цркви и џамии. Тие се дел од целосната слика и дел од она што е сведоштво за соживот.

Ш – Шапка

Ако барате вистинска снежна планинска убавина, тоа е Шапка и Шар Планина. Со скијачките терени, снежните прекривки и побелените падини, тука е магијата која ќе ве освои.

azbukata-na-makedonija-ubavinata-maanite-i-dusata-od-a-do-sh-5

Кои се асоцијациите според вашата азбука?

Автор: В. М. | Црнобело

Фото: For 91 days in Macedonia

Би можело да ве интересира:

Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Мислев дека ќе се омажам за принц на бел коњ, не очекував дека среќата ќе ја најдам кога најмалку с... Го очекував долго време. Знаев дека некаде постои некоја таква душа скроена за м...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg