Можат да ми лепат милион титули, но сепак јас ја сакам онаа најважната - дете во душата

Беше сабота наутро се движев ни продавниците во центарот на градот за да купам нови парчиња облека за новото работно место.

mozat-da-mi-lepat-milion-tituli-no-sepak-jas-ja-sakam-onaa-najvaznata-dete-vo-dusata-01.jpg

Додека чепкав по кошулите и џемперите, негодував на изборите кои ми беа понудени, а од другата страна ми се смееа маичките со интересни принтови и дуксерите со капа кои ги носев пред да станам „чичкото кој работи во канцеларијата.“

Со текот на времето работев и напорно ја градев својата личност, вложував многу, бескомпромисно, без да се штедам и без да барам оправдувања за неуспех. Се трудев да го анулирам и во текот на годините стекнав многу титули кои стоеа пред моето име.

Но, понекогаш додека работев во канцеларијата, знаев да се замислам и да ја посакам онаа единствената која ми недостасуваше долго време, а беше неповратно изгубена. Посакував некој да ме нарече дете, како многу години пред тоа.

Додека звукот од вентилаторот во доцните часови ја нарушуваше работната хармонија, мене често ми текнуваше на начинот на кој ние умеевме да им ја нарушиме хармонијата на нашите комшии.

Игравме фудбал на замислен терен и правевме стативи со што ќе стигневме, понекогаш бабата на мојот другар ќе излезеше барајќи ги своите влечки кои магично станале гол, па често знаевме да добиеме и по некој прекор за нашите палавштини.

Сега бев педантен и без дамка на себе, така налагаше работната позиција, но порано можев да ја позајмам мојата облека во реклама за детергент бидејќи целата беше измачкана со кал од денското талкање по улици и бесните игри со другарите од маалото.

Игравме криенка додека да се искаравме кој треба да биде оној кој ќе ги бара другите или едноставно додека да не се слушнеа имињата од нашите балкони. Сега немаше кој да ме повика, бев оставен да градам самиот за еден ден да стојам на терасата и јас да викам на начинот на кој моите викале по мене.

Колку и да беше прекрасен животот како возрасен, прошетките, сите можности кои ги нудеше тоа полнолетство, сите искуства, сепак имаше едно ограничување - слободата да се каже се она што ти доаѓа на памет, ограничувањето да направиш се она што ти лежи на срцето и не можев да си објаснам зошто беше тоа така.

Можев да си објаснам програмерски кодови и комплицирани равенки, но не можев да сфатам зошто се чувствував на тој начин.

Додека бев клинец кој имаше сè она што сега ми недостасува, посакував да бидам нешто што во тие моменти не можев. Сакав да бидам во сите дискотеки, да пробам алкохол. Да имам лудо друштво со кое ќе се смеам и ќе делам монументалности и ќе ги искусувам глупостите во животот. Без да бидам свесен дека сето тоа ќе се случува подоцна, без мое барање.

Тогаш не знаев да ја ценат лулашката под стариот орев, ниту трката со сите домашни животни, старата нива на дедо ми и плевната полна со животни. Тогаш мразев да бидам наречен малечок, да бидам прозиван како дете, тогаш мразев сè што денес ми недостасува.

Останувањето до доцна ми беше успех, а сега се претвораше во рутина која ми го измачуваше телото. Капките алкохол испиени скришно од чашата на моите сега се претвораа во рутинска дезинфекција на мојата душа оптоварена од сите проблеми. Сè она што посакував тогаш добив со текот на годините, но го изгубив она што го имав и не постоеше ниту човек ниту време кое ќе го врати.

Ми се случуваше да задремам на работното биро кога веќе денот и ноќта за малку ќе се сретнеа. Понекогаш ми се чинеше дека од толку работа и измешано спиење, јадење и работење ќе се сретнам самиот себеси, оној кој станал утрото и оној кој не легнал вечерта.

Се случуваше да задремам на неколку минути и да се гледам себеси со авион од картон во рацете како претрчувам по зелените ливади слободен и безгрижен. На тој начин се испиваше секоја грижа и се забораваа сите проблеми. Се прашував зошто животот е толку суров и одзема работи кои ти се врежани за срцето.

Од сегашна гледна точка, залудни ми беа сите тие титули, кога јас ја изгубив можеби онаа најдрагата - да бидам наречен дете...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg