Тука немам чичко кој ќе ме турне во бизнис, немам звучно презиме - Ми останува печалба

Имам 25 години и изместен биоритам на јадење и спиење. Буден сум додека сите спијат, си легнувам додека другите стануваат за на работа. Ако се прашувате зошто е тоа така, одговорот е едноставен: Се обидувам колку што е можно да си го скратам денот, за да не полудам.

tuka-nemam-cicko-koj-ke-me-turne-vo-biznis-nemam-zvucno-prezime-mi-ostanuva-pecalba-001_copy.jpg

Денот се чини бескрајно долг кога си невработен. Не ти посакувам да станеш рано наутро, имаш чувство дека цела една вечност се протега пред тебе, а мислата дека квачиш дома и си немоќен да си најдеш работа те разорува. Па си го скратувам денот, бидејќи навечер е малку полесно.

Тивко е, темно е, па веројатно полесно се соочуваш со поразите или барем боледуваш сам. Читам книги, манијачно гледам серии, понекогаш пишувам. Си се занимавам и постојано во потсвеста анализирам што тргна погрешно? Каде погрешив?

Дипломирав навреме, просекот ми е сосема добар. Стажирав, ги завршив сите работи кои се очекуваа од мене, иако ќе признаам дека ги правев со ентузијазам.

Верував дека играм фер игра и дека ако си доволно трпелив, доволно вреден и доволно добар, сепак ќе најдеш работа. Постојано си повторував, тешко е, но треба да се трудиш, да не губиш надеж. Заслужуваш, не е можно да е сè така црно како што велат.

Зјапам во црниот екран пред мене бидејќи епизодата заврши. Часот е малку после 4 наутро, а јас не престанувам да си ја трескам главата. Немо ја набљудувам дипломата завиткана во тутурутката и се прашувам што фајде од неа.

Некаде после 3 години ми спласна целиот ентузијазам, а таму некаде згасна и надежта. Нема работа, не можеш да си најдеш. Можеби си глупав и неспособен, можеби до тоа е. А ете, поглупави и понеспособни имаат работа.

Можеби не се потпикуваш доволно, не знаеш како да настапиш, како да те запаметат. А можеби, сепак можеби си никој и ништо, немаш некое звучно презиме, немаш вујко, чичко, стрина што ќе ти излезат во пресрет. Немаш никого и ништо, само дипломата која не вреди ни пет пари.

Па така си тонеш во депресија. Немаш лице да побараш пари од дома за што било, иако ти ги нудат, со поглед полн сожалување. И твоите ја знаат маката и се немоќни, а тоа ги столчува уште толку.

Како да им земеш пари на домашните? На 25 години треба да имаш свои приходи, не да чекаш од мајка ти и татко ти. Дали е нормално? Колку пари ќе им земеш? За едно кафе? За нов пар патики или фармерки? За цел еден одмор? И колку ќе трае тоа?

Некаде помеѓу овие депресивни мисли и сивото утро решивме да заминеме. 25-годишни печалбари со другар ми. Тука нема леб.

Едноставно ли е? Не е. Пред некој ден сфатив колку некои минорни работи сум ги земал здраво за готово. Како обично тавче за пржење лепчиња. Дома ги имаш 10, а тука треба да го запотиш задникот за да си купиш едно.

Ама ова тавче е мое. И овие нови фармерки се мои, и телефонот го заработив сам. И некако успеав дури и да заштедам за да си дозволам одмор. Не е совршено, но е мое, сум го заработил и заслужил. Некој ми дал шанса и планирам да ја искористам.

Сериите ќе почекаат, будното трепкање до 5 наутро исто така. Нема да зборувам за носталгија и нема да убедувам никого во ништо. Само ќе кажам дека конечно се чувствувам корисно и имам чувство дека вредам нешто.

И сите кои сте го искусиле и едното и другото, веројатно знаете за што зборувам.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Може да танцувате до зори, па во 8 да одите на работа и не, не мора да пиете мача - само уживајте в... „Мора да водите сметка за храната. Мора да пиете 2 литрa вода дневно. Мора да сп...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
Александар Митевски за CRNOBELO лексикон: „Малку ми е незгодно кога во кафеана ќе засвират и некоја ... „Една работа за која се каам во кариерата се политички кампањи и политика. Со го...
CRNOBELO лексикон со диџеј Галоски: „Мајка ми преживеа рак и нè одведе на прав пат - таа е мојот идо... „Познаници имам милион, а најдобри другари помалку од прсти на една рака. Е за н...
Александра П. Илиевска за CRNOBELO лексикон: „Си го прифатив носот кој долго планирав да го оперирам... „Додека носев шишки ме прашаа кое тенџере е примерокот по кој ме шиша фризерот“,...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...

Најчитани неделава