„Ќе те вратам назад во селото од кое дојде и очи нема да им видиш на децата!“


„Ќе те вратам назад во селото од кое дојде и очи нема да им видиш на децата!“

„Погледни се каква си, види на што личиш. Одвратна, дебела краво! Да не бев јас немаше да излезеш од тоа селото од коешто те извадив. Од дупка те извадив, ла*но едно неблагодарно. Да не бев, јас улица и семафор немаше да видиш, непрокопсана ниедна.

Oci-nema-da-im-vidis-na-decata-01.jpg

Уличарке проста. Неписмена, без факултет, твоите уште копаат на нивата. Само зуцни нешто некому, очи нема да им видиш на децата. Ќе заборавиш дека си мајка. Ќе те вратам назад во селото сосе парталите, нека ти се смее целиот свет…“.

Со солзи во очите, мојата пријателка тивко ми ги шепоти сите ужаси кои ѝ ги кажува сопругот секојдневно. На работ сум да заплачам, но се воздржувам. Не сакам да помисли дека и јас сум ранлива колку неа, па попусто ми го раскажува сето ова ако сум подеднакво немоќна како неа.

Сакам да сум столбот на кој може да се потпре, сакам да ѝ дадам поддршка, да ѝ помогнам некако.

Ѝ кажувам како не смее повеќе да ја трпи оваа психичка тортура. Дека не заслужила. Дека постои држава, ред, закон, адвокати. Си вртам некои филмови во главата како може да прибере аудио или видео докази и да му рече да се гони таму каде што сонцето не грее.

Каков ред, каква држава, бесно и суво ми одвраќа пријателката. Зарем не знаеш кој, е колку пари има, какви луѓе познава… никогаш нема да дочекам правдина. Ќе ми ги земе децата и навистина нема да им ги видам очите.

Нема да видам кога ќе дипломираат, како се мажат и женат. Ќе им изнакаже секакви погани лаги за мене, ќе ми го завртат грбот. Вака барем ми се тука, ги гледам секој ден. Барем додека не пораснат. Само уште малку.

Секој ден си го велам тоа – стрпи се, ќе пораснат. Кога ќе бидат доволни големи, ќе ја сфатат вистината. Но, дотогаш морам да ги стиснам забите. Барем не ме тепа, го завршува монологот мојата пријателка, додека моето срце се распарчува од жал и немоќ.

Таа не е ниту прва ниту последна со ваков случај. Таа не е единствената заробена во нефункционален брак во кој трпи тортура, а децата се користат како чипови на маса за покер, како средства за уцена, од која само таа излегува губитник и поразена.

Немоќна е. Нема доволно финансии, нема никого кој ќе ја ислуша. На моменти се преиспитува што толку погрешила, па вака е казнета.

Нема доверба во институциите, не постои систем за поддршка. Постои само таа и нејзината цврста волја да издржи, само за да не ги изгуби од вид најубавите очиња од кои црпи сила да го преживее секој нов нареден ден.

Ваквите случаи не го погодуваат само женскиот род. Неретко и татковците се актери во играта со заробеници во сопствениот дом, додека децата немилосрдно се користат како оружје во играта на емоционална уцена.

Децата секогаш завршуваат со мајката, макар била најлошата на светот. Треба да си глупав за да не го знаеш тоа. Само отиди си, вратата ти е отворена. Нема никогаш да ги видиш. Ќе им кажам дека си мртов.

Те нервирам, нели? Ајде, слободно удри ме, барем да имам што да покажам пред полицијата кога ќе те пријавам. Дури тогаш ќе видиме која е постапката за децата. Ќе видиме колку ќе биде забавно да ги гледаш секоја втора недела по еден час со социјален работник кој ќе ти виси над главата.

Знам дека сакаш да ме удриш. Се нервираш, нели душо? Ако ти е! Сакам да се нервираш, копиле скапано!

Луѓе, недостојни за епитетот мајки и татковци! Крволочни суштества кои се раните од туѓата беда, немоќ, страв и мизерија. Што мислите дека постигнувате со оваа безумност?

Како мислите да задржите некого покрај себе, користејќи ги децата како средство за уцена? Оние за кои тврдите дека ви се најмилото, зеницата во окото, животот ваш.

Каков живот им нудите со овие драми околу нив? Колку треба да сте дефектни во главите за да мислите дека на овој начин ги усреќувате и дека тоа е за „нивно добро“?

Конечно – што не е во ред со вас? Во каква средина сте живееле за да мислите дека тоа е сликата на среќен и хармоничен брак и дали планирате истата да ја сликате секој ден и за вашите деца?

Освестете се, додека не е премногу доцна. Додека вашите деца не станале монструми какви што сте вие.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Јас ќе славам Нова година дома со корона, а вие? За Нова година немав некои спектакуларни планови со оглед на ситуацијата, но одр...
Јас можам, ти можеш, ние можеме, само духот да не нѐ напушти! И ќе биде болно во животот, ќе има ден кога ќе изгубиш некого, кога ќе изгубиш з...
Јас не сум забавна мајка и не знам да играм фудбал – но, јас сум добар родител Јас не сум забавниот родител, не сум таа што си игра со децата, што ги забавува....

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg