Сè е розово пред бракот, вистинските психопати се покажуваат после потписот во матично

Отворај очи, не две, туку четири кога ќе се мажиш. Абе мачка да земаш па ќе прашаш од што куќа е, а не па жена.

Vistinskite-psihopati-se-pokazuvaat-posle-potpisot-vo-maticno-01.jpg

Ние сме израснати со овие мудрости од бабите и дедовците и признавам дека сме се смееле на истите додека не нè здоболел стомакот, но има толку многу вистина во сето ова, што сега ти се грчи стомакот од суровата вистина - дека ретко може да најдеш фин, пристоен и нормален животен сопатник.

Сè живо се изопачи. Побрзо ќе добиете на лото, отколку да најдете нормален дечко или девојка со потенцијал да добијат некој посериозен статус и улога во вашиот живот.

Жени кои се опседнати само со пари. Мажи кои не заостануваат воопшто зад нив. Сите станаа спонзорџии, сите загледуваат којшто носи, каде патуваш, имаш ли сопствен стан и автомобил… а викендичка или апартман надвор од Македонија? А колку заработуваш?

Во ред, да речеме дека до некаде е нормално да се интересираш за финансиите, бидејќи реалноста е дека нема да живееш од воздух, а љубовта не се мачка на леб.

Но, ова интересирање ги преминува нормалните граници, дрско е, безобразно и искалкулирано до максимум. Се „вага“ љубовта на една страна (ако воопшто е љубов) и интересот на друга, а втората секогаш натежнува.

Мажи кои како да паднале од Марс и во своите ’30-ти години уште се плашат од обврски и чувства. Жени кои глумат силни, а ваму се кршат на првата препрека и одбиваат да се соочат со реалноста на животот. Најлесно е да се вратиш дома, нели?

Бидејќи многу е лесно да живееш како во хотел, средено, чисто, со ручек на масата кај мама и тато, додека целата плата ти останува за тебе.

Оди да те видам дели ја и плаќај сметки, таму во некојси брак. Дај да те видам да направиш жртви и компромиси во име на љубовта и разбирањето. Нема. Царува себичноста и сите го сакаат целиот колач за себе, не само едно мало парченце од него.

Глумци на секој чекор додека не го добијат тоа што го сакаат, прстен и потпис во матично, а веднаш потоа се покажуваат вистинските лица. Арогантни, злобни, неодговорни.

Многу се смеев на изреката – му ја вади душата со памукче, сега сфаќам колку е само вистинита.

Луѓе кои кријат пороци, лоши навики, кои не се способни сами да си ги врзат патиките, а не пак да очекуваш од нив храброст и зрелост да водат домаќинство и да градат дом и семејство.

Група на неизживеани луѓенца кои се однесуваат како пуштени од синџир, бидејќи им била скратена слободата. Цели 3 месеци во брак, тие ги вадат и кријат прстените, бидејќи настапува вториот пубертет. Еднаш се живее, па дај да бидам прељубник, лажго, најголемиот идиот бидејќи не можам да се соочам со вистината – дека сум незрел и неизживеан.

Жени кои постојано се пакуваат и на секои 2 недели се дома кај родителите. Практично повеќе се во родителскиот дом, отколку во новиот, покрај човекот со кого избрале да го делат животот.

Па зошто сте удриле потпис во матично? Зошто си го губите времето во долги врски?

И без тоа се живее. Зошто сте толку големи глумци? Зошто ги криете вистинските карактери и лошите навики, а ги откривате веднаш по официјализирањето на врската? Се претворате во сосема нови личности, ни Господ не може да ве препознае.

Ја вадите сета злоба на површина, сите длабоко потиснати фрустрации, сета несигурност и љубомора која тлеела во вас, а вие некако сте успеале да се воздржите и да не ја покажете на почетокот.

Некои луѓе се неспособни или одбиваат да го видат вистинското лице на партнерот. Но, вистината е дека и многумина добри и паметни успеале некако да бидат прелажани. И тоа многу долго.

Бидејќи светот се сведе на манипулатори кои нема да сопрат пред ништо додека не го добијат тоа што си го зацртале во главата.

Вие мислите дека покрај себе имате стабилен човек, а тој не е ништо повеќе од мало уплашено дете.

Мислите дека сте ја имале среќата да налетате на способна жена, а таа е разгалена принцеза на која уште ѝ недостига старата детска соба и плишените мечиња.

Ако сте во групата која долго време била лажена, чии очи им биле замачкувани со лаги, лицемерие и многу добра глума, не сте единствените. И не треба да се чувствувате лошо.

Светот толку многу се изопачи, што повеќе не си сигурен во ништо, ниту во партнерот со кого си 10 години заедно.

Само да е добар во главата, велеше баба ми. Сè друго се поправа. Добро, сега да не е коцкар и пијандура и да не те малтретира, ама тоа – пак си е до главата.

Нели е така?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Чудотворни места во Македонија за жени кои не можат да забременат - Сливничкиот манастир, „трудното ... Многу легенди, митови и вистински приказни се раскажуваат и пренесуваат од ...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg