Нема за леб, ама има за чоколадо - слика и прилика на Македонија


Нема за леб, ама има за чоколадо - слика и прилика на Македонија

Живееме во просечна зграда во главниот град, какви што се повеќето кои бројат над 30 години старост. Зграда како зграда, можеби мислите дека нема толку многу проблеми или трошоци како куќа, но сепак лифтот се расипува, покривот прокиснува, подрумите скапуваат.

Liftot-ne-raboti-ama-ima-svetlo-na-senzor-01.jpg

Конкретно ние во нашата имаме, односно немаме пумпа за вода во исправна состојба. Тоа значи дека притисокот е намален, а особено очајно станува за време на летниот период.

Тие што живеат на поткровје и тие под нив, значи станарите на највисоките катови мака мачиме со овој проблем.

Но, мојот комшилак не се интересира за овој проблем. Бидејќи не е приоритет. Покривот кој прокапуваше пред некоја година, исто така, не беше приоритет. Впрочем, покрив користат само тие на најгорниот кат, тие на приземје, први, итн., не им треба покрив на нив, нели?

Истата приказна е и за лифтот. Тој од приземје лифт не користел, тие од први биле на 10 скалила од влезот… не даваме пари за поправка на лифтот.

Подрум, кој уште влегува во подрум? Нашите конкретно се како излезени од Зоната на самракот.

Доколку некој режисер реши да прави хорор филм го поканувам да ги искористи бесплатно просториите за снимање.

Темни, мрачни и морбидни. Смрдливи и нечепнати со години. Ниту таму не се вложува пари, ниту пак малку волја и време за расчистување. Сме активирале иницијатива, демек колективно да се собереме и да направиме да заличат на нешто – никого не го интересира.

Влезната врата е расипана и зјае, влегува и излегува кој сака. Се случи грабеж сред бел ден, се собираат сомнителни луѓе навечер, наркоманчиња кои со својата дневна доза најблиску им е да седнат на скалите во влезот кај нас.

И тоа не е некој проблем, тоа било сосема нормално. За ништо се нема волја, за ништо не се даваат пари, но еве го новитетот во мојата зграда – од пред некоја недела ние имаме сензорско осветлување.

Да, тоа беше приоритетот. Не расипаната пумпа за вода и слабиот притисок. Не покривот, не лифтот, не подрумите и не влезната врата. Светлото на сензор беше најбитно.

Патем, трошоците за овој луксуз беа малку поголеми од оние за санација на пумпата.

Дали ве чуди ова? Нема потреба да ве чуди. Мојата зграда е слика и прилика на жалосната Македонија – нема за леб, ама има за чоколадо.

Нема за вода, ама имаме светло на сензор. Прави господа, се враќаш со преполни ќеси во двете раце и оп – ти се пали светло. Тоа што немаш доволно притисок да си заплакнеш мишки и не е страшно, битно патот ти е осветлен.

Имаме група која се тупка во гради дека се стари скопјани, уважени господа од големото добро утро. Тие истите си го оставаат ѓубрето пред врата и по 2 дена додека не замириса на скапана мрша низ целата зграда.

Од друга страна, упорно нагласуваат како се во зградата од првиот ден кога се изградила, како да имаат некое специјално право на неа, како живеалиштето да им припаѓа повеќе ним, отколку ние кои сме се доселиле последните 10 години.

Баш затоа што сте меѓу првите доселени треба да имате повеќе љубов, повеќе усул и повеќе да се грижите за зградата, како прави домаќини.

Да ни дадете убав пример, да се грижиме зградата да опстане во добра состојба и во следните 30 години, а не како некои штеточинки да ја доуништувате и да одбивате да платите 500 ден. за поправка на најосновните потреби за живот.

Ова е совршен пример за држава која не може да профункционира како што треба, а се сомневам дека тоа ќе се случи наскоро.

Мојата зграда си е иста како гинекологија, бебиња умираат, но кабинетите на директорите се луксузни.

Се нема никакво чувство за приоритети, а колективната свест ни е сведена на нула. Ќе се испоубиеме меѓу себе, ќе потонеме во ѓубре ако треба, ама ќе заштедиме на чистачка.

Да може да направат да доаѓа 2 пати во годината, ќе го сторат тоа.

Кога ќе сфатите дека животот во зграда е многу поразличен од тој во куќа? Не е ова само твоја дома, наша, заедничка е.

Кога ќе разберете дека треба да се грижите и за она пред куќниот праг, наместо само за тоа по него?

Кога ќе станете тие воспитани, уважени, еманципирани и градски господа за какви што се претставувате, наместо суштества со осакатена колективна свет?

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Немој да бараш да се вратам во Македонија! По не знам кој пат го завршувам разговорот на Скајп со моите со нивното фамозно ...
600 денари за заб се многу, а за нокти таман - е не може така другари Колку време не си дошла?, ме прашува забарката додека зјаам со отворена уста и м...
Врзи го детето со папочна врвка до 40 години и повторувај му дека ника... Се чудиме сите како паднати од Марс да сме, како има толку дефектни луѓе во општ...