Од срцето на една ќерка без мајка: За тебе ѕвездо моја и за сите што животот ни ги одзеде...

Не сакам да мислам колку ја немаше, во колку ситуации ужасно фалеше, сакам да мислам колку ја имаше и колку значајно беше нејзиното кратко присуство во мојот живот.

od-srceto-na-edna-kjerka-bez-majka-za-tebe-dzvezdo-moja-i-za-site-shto-zivotot-ni-gi-odzede-01.jpg

Ја превртувам таа стара фотографија одново и одново. Ја држам во рацете блиску до срцето, ја гледам и прегледувам 100 пати. Го гледам нејзиниот лик и ја студирам секоја црта од нејзиното лице. Исплашена сум. Годините и времето како виор во неповрат ми ги носат спомените од неа.

Повеќе не можам така јасно да го замислам нејзиниот лик. Ниту нејзиниот глас веќе не ми одѕвонува во ушите. Некако ми стана туѓ и далечен. Некако како сè да беше во еден минат живот, но сега и тука во срцево таа фали и боли како да било вчера.

Конфузно. Нешто недостига, но што конкретно веќе сè ми е низ магла.

И не знам како е кај другите, но јас по 11 години минати со неа и 18 без неа (мојата целокупна животна приказна) како да почнав да се плашам дека времето ќе ми го земе најдрагоценото - спомените од неа. Но, не дозволувам.

Од време навреме си го превртувам филмот кога како мала ме караше дека не јадев доволно и дека еден оброк ми траеше толку долго колку што и цртаниот филм на телевизија, ме караше што си ги грицкам ноктите и што не ја почитувам доволно мојата постара сестра. Тогаш тоа ме нервираше, логички, но сега ми е еден од најмилите спомени. Дури и тој сок од цвекло и морков што ме тераше да го пијам, кој толку ми беше одбивен, сега ми е драг спомен на срцето.

Се сеќавам кога ми ја чешлаше косата и ме тешеше дека другарките од време навреме може да нè изневерат, но мора да им простиме. Кога ме учеше дека во детството најважно е да бидам дете, а потоа во животот - човек кој се сака и е горд на себе.

Убаво ми е што ја имав, но боли што беше прекратко. Не ме виде како растам, не беше дел од многу работи кои ми се случија по првпат, ниту беше тука за совет кога ги носев најзначајните животни одлуки, не ми приготвуваше супа кога бев болна, ниту ме тешеше навечер кога не можев да заспијам, ја немаше кога требаше да ме заштити кога татко ми беше „престрог“ со мене, ниту да ми даде џепарлак скришно, ја немаше да пресече кој е во право кога со сестра ми се надгласувавме за одредена работа... И ретко размислувам вака. Затоа што сфаќам колку многу ја немаше, колку многу фалеше, колку голема празнина остави.

Повеќе сакам да мислам дека ја имаше како силна светлина на почетокот од мојот живот, како ѕвезда водилка која силно всади вистински морални вредности во мене, ја имаше како значаен дел од формирањето на мене како личност. Размислувам дека треба да бидам среќна што барем на кратко ја имаше во мојот живот.

И знам дека гледа, сакам да верувам дека гледа, и сакам да знае дека секој има свој одбранбен механизам во животот и тоа што не одам наоколу да кукам колку многу животот ме оштетил со тоа што ми ја земал знам дека ѝ се допаѓа.

„Не сме ние од оние патетичните, што се кршат и што го проколнуваат животот“, ме учеше таа, „ние грабаме од него и го живееме најдобро што знаеме. Поголем е од нас и знае да боли, но таков е тој и мора да го прифатиме заедно со сите хорори што знае да ни ги сервира. Но, мора да запомниш дека знае да биде убав, знае да приредува среќа до ѕвездите“, како што мене ми приреди кога те добив тебе, најмила моја ќерко“, ми велеше таа.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
За мене Скопје е... мирисот на липи во јуни Скопје е токму ова – мирисот на липа во јуни. Благата арома ги надразнува сетила...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg