Без љубов не се живее, ама и без пари нема аир

Може ли љубовта да преживее без пари? Може ли да ги издржи сите психози и нервози поврзани со празниот паричник и плитките џебови, празниот фрижидер и константното конзервирање дома, само затоа што немате ни 200 денари да излезете некаде надвор?

Bez-ljubov-ne-se-zivee-ama-i-bez-pari-nema-air-01.jpg

Непоправливите романтичари би ви рекле дека може. Циничните би рекле да не се занесувате премногу и да не живеете во илузии.

Живееме во суров и материјален свет и нема потреба да глумиме нешто што не сме. Сите сакаме пари. Сите сакаме да излегуваме. Да се дотераме колку што е можно поубаво, да возиме убави автомобили, да го шетаме светот. Да зимуваме, да летуваме, да тераме викенди надвор од градот во кој живееме.

Но, старите убаво си рекле: Сметката дома и сметката на пазар – никогаш не излегува исто.

А нашата математика е целосно промашена. Паричиња колку за сметки и јадење. По некое евтино парталче. Другото стискај го за „недај боже“ – поправки, дефекти, работи кои тргнале наопаку. Каде што е најтенко, таму и се кине.

Дел ги чуваш за „убаво“ – свадби, матури, повојници, за децата. Малку ли се трошоци, родендени секоја втора недела. За арно, за убаво.

За љубовта остана ли нешто? Оти и таа, како и многу други работи во животот, не преживува без пари. Не живее од воздух и гушкање. Делува некое време, успеваш да се подзалажеш. Доволни сме си само ние двајца и никој друг.

Ретко излегувате, затоа што не стигнуваат пари. Со исклучок на оние бесплатни прошетки во парк, низ шума или планина. Но и од нив веќе ти збоктисува. Сакаш да излезеш надвор. Сакаш да скијаш, да се брцнеш во море.

Сакаш да се оптегнеш и да испиеш 10 коктели без око да ти трепне. Сакаш да си купуваш работи без 6 пати да ги прегледуваш цените додека калкулираш како ќе се одразат на домашниот буџет.

Се прашуваш што си згрешил што животот те казнува вака, што не може да се опуштиш барем еднаш?

Додека се вртат сите оние Инста-приказни каде што сè е луксузно, префинето и магично, скоро нестварно, си замезуваш салата и ракиичка и си велиш – само да сме си живи и здрави и да си се сакаме. И вака ни е убаво.

Точно е дека се тешиш, но ако навистина ти е пријатно и така, ако те радуваат мали ситници, ако љубовта ти е доволно силна да ги помине и деновите кога одвај крпите крај со крај, сметај дека си го победил најголемиот предизвик во животот.

Затоа што лесно е да се сакаш со некого додека се има пари. Опуштен си, релаксиран и насмеан. Немаш ниту една грижа, освен што се двоумиш каде и на што да ги потрошиш парите.

Оди сакај се да те видам кога доцниш 2 месеци со сметките. Кога не знаеш што да ставиш на масата за ручек. Кога се чудиш како да го однесеш детето 7 дена на одмор, бидејќи иако наполнило 10 години, уште не го здогледало морето со очи, освен на слика.

Љубовта како победа ќе ја извојуваат оние најистрајните, најупорните. И со пари и без пари е тешко да се одржи, особено после толку многу години поминати заедно.

Без пари е сепак малку потешко, да не се лажеме. Но, не е невозможно.

Романтичарите ќе ви речат дека парите и кариерата не се сè во животот. Нема да ве топлат и гушкаат навечер, не може да ви направат муабет кога ви е најтешко.

Циничните ќе кажат дека можеби е мачно да живееш без љубов, но подобро е да плачеш во Ферари.

Што ќе кажете вие?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ќе ме сакаш ли и кога ќе бидам неслатка торта, на која ѝ поминува рокот на траење? Ќе ме сакаш ли и кога филтерот на години ќе ги донесе трагите на сè што сум мисл...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Се сеќаваш ли еднаш кога ти кажаа дека не можеш? Види се сега малечка, и тоа како можеш! Се сеќаваш ли кога ти шепотеа дека нема да можеш да минеш низ тоа, дека сигурно ...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg