„Да ти местам дечко, нема девојка“ … „А што му фали?“

Никогаш немојте да се потценувате себеси. Едноставно, поставете си одредени стандарди и очекувања, бидете свесни колку точно вредите и немојте да ги газите сопствените принципи и своето „јас“, само за да не останете сами на светот и векот.

Da-ti-mestam-decko-nema-devojka-a-sto-mu-fali-01.jpg

Многумина паѓаат во таа замка – леле, зарем не е срамно да сум сам/а, колку години имам, што ќе кажат роднините кога ќе ме видат без партнер/ка и на следната свадба (или погреб)?

На роднините апсолутно не треба да им биде гајле. Не го живеат вашиот живот, па не треба да го пикаат носот во туѓата манџа.

И со напорното „ајде и на твоја глава, што чекаш, ајде!“ Леле, навистина, ајде! Ајде и на твоја глава да си дочекаш што поскоро пензија (тука веќе како да си им истурил солна киселина во окото, затоа што за пензија не може да стане збор!)

Нив тоа ги навредува – потсетувањето дека не се во цутот на младоста, ама вие не може да се навредите ако ви трубат постојано за биолошки часовник, потпис во матично, свадба, деца.

Во ред е, сè во свое време. Сè ќе си дојде на свое место и секој треба да прави онака како што си сака.

Ама вие, групата што очајно посакувате да пронајдете љубов и партнер, а не сте реални за сопствените квалитети и очекувања, вие сте ми најсмешни.

Ваму пека за девојка и додека другите се обидуваат да го спојат со некоја фина душичка, господинот уште на невидено наоѓа маани. „Ако е толку добра, зошто е сама на 33 години? Што ѝ фали?“

А тебе батенце што ти фали, си се запрашал ли? И ти си сингл. Зошто си ги креваш акциите, зошто ја омаловажуваш таа девојка, на која сè уште не си ѝ дал ниту шанса, ама веќе си ја „прочитал“.

„Сè знам за таквите, јасно ми е“.

Што знаеш бре човеку? Моли бога таа да не дознае за тебе – сè уште квакнат дома, сè уште под покривот на мама и тато, ти го местата креветот, платата не ти стигнува за бурниот ергенски живот, па мораат да те дофинансираат. Сметка не си видел во животот, фрижидерот не си го наполнил ниту еднаш.

Гаќите уште ти ги пере мама, ти ги пегла кошулките додека глумиш успешно менаџерче и го брчиш количето купено од Бугарија, твојот најголем личен успех.

Сонуваш да ја најдеш совршената принцеза, млада, убава, невина, послушна и вредна и само да ја смениш локацијата на креветот. Ти битно да не мрднеш со малиот прст, една сијалица не знаеш да смениш и на бандерата ѝ викаш добар ден доколку по грешка се удриш во неа.

Па уште и бираме, високо целиме, се цениме! Земјо, отвори се и голтни ги.

Здивнете, не сте сами. Во духот на рамноправноста и еднаквите можности, тука се и татините принцези и куклите на мама, кои не знаат да помножат 2 со 2, ама затоа детално ќе ви ја објаснат целата нова колекција на не знам веќе кој бренд и ќе ви ја појаснат неопходната потреба на хајлајтерот, вештачките трепки и хијалуронот на усните.

Недај боже да ја насочат енергијата кон нешто попаметно. Книга да се отвори, да се прочита нешто, да се заврши некој курс. Макар да потсуреди нешто дома, да научи да зготви барем 3 пристојни јадења (и за машките важи ова, не знам зошто па само жената мора да знае да готви, и вие јадете, зарем не?).

Сите сте „лепотани и лепотици“, сите сте по последна мода, сите сте налицкани, стокмени, фино намирисани, а толку површни, празни, шупливи. И сите сте во потрага по вистинска љубов, стандардите ви се качени до небо, а сопствената реалност ви е замаглена.

Немате поим што (не)квалитети поседувате, но најбитно е дека се цените. И дека наоѓате маани на луѓето со кои сè уште не сте направиле ниту едно здраво, а не сте застанале малку да се погледнете во огледало и да ги воочите своите.

Приземјеност и скромност, каде се скривте?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg