Сите ќе станеме прав и пепел, излези надвор, вдиши љубов и сакај се!

Што ти е животот? Здив воздух стиснат во дланката што во еден момент ја отвораш и воздухот испарува. Те снемува. Денес те има, утре те нема.

Izlezi-nadvor-vdishi-ljubov-i-sakaj-se-01.jpg

Сме се залетале сите по пари, за да можеш со нив утре да си купиш повеќе, поскапо, полуксузно. Небаре скапите партали ќе ни ги закрпат сите емоционални дупки, оние на осаменост, на тага и фрустрација.

Те поттикнуваат да учиш, да се трудиш, да те разденува над книгата, „бубајќи“ податоци кои нема да ти бидат од никаква корист. Да си го трупаш мозокот со бескорисни информации, додека никој не те подготвува за матрицата наречена живот, за она што е вистински битно.

Си наредил низа петки, продолжуваш со низа десетки, ама не знаеш како да се снајдеш за најобични нешта. Гладен си за успех, за кариера, за пари. Контактот со луѓе ти се чини некако излишен, немаш сега време за некакви си родители, роднини, пријатели и нивните глупави потреби и прослави!

Наместо да се дружиш со нив, можеш да се скичмиш пред компјутерот, да покликаш уште 5-6 часа, да зјапаш во мониторот додека очите не почнат да те печат и да заработиш уште малку пари.

Па со нив утре ќе си купиш нешто, нешто што ќе ти ја наполни душичката, ќе те усреќи, ама сосема кратко, сосема привидно, сосема минливо. Како мало дете кое се радува на нова играчка, не може да заспие од возбуда, ја игра првите 3 дена, а потоа ја фрла во некое ќоше каде што собира прашина и тоне во заборав.

Интелигенција на тони, за извоз и продажба. Ама од онаа најбитната, емоционалната, ниту грам.

Прав и пепел ќе станеме сите на крајот. Во истиот ковчег и истата дупка. Парите не ќе можеш да ги земеш со себе на горниот свет, ниту автомобилот, ниту брендираните чанти и позлатениот часовник кој ти е симбол за престиж и издвојување од „обичните“.

Спомени ќе понесеш, патувања, дружби со пријателите, прегратките со домашните, игрите со децата, смеата со партнерот. Моментите кога некој ти подал рака кога ти било најтешко, кога ти си помогнал некому, широкоградо и несебично.

Во љубов вложувајте, во љубов по ѓаволите, единствената исплатлива инвестиција, капиталот кој е најтешко да се заработи и задржи. Таа ќе ве топли, таа ќе ве грее, таа ќе ви црта насмевка на лицето, таа ќе ви дава здравје, ќе ви ги осветлува и најтемните денови, ќе ви даде смисла на она што е навидум толку долго, а поминува додека да трепнеш – на животот.

Љубов и само љубов луѓенца, таа нè прави подобри, потребна ни е исто колку лепче, вода и воздух. Можеме да вртиме со очите до утре сабајле, пих љубов, каква глупава работа измислена од партизаните и сиромашните.

Дај ми пари, дај ми моќ, дај ми луксуз, дај ми сè! Љубов, љубов и здравје посакај си, другото полека ќе се намести. И ќе дојде денот кога ќе сфатиш дека ништо не е толку битно како првиве две, скапоцени се, незаменливи.

Кога некој те гушка толку силно, ти ја пренесува убавата енергија, те смирува и светот за момент се стишува, а ти се претопуваш во другата личност, како во огледало.

Кога си болен и имаш некој кој се грижи за тебе. Кога си сакан, толку искрено, толку силно, кога даваш смисла на нечиј живот и некој му дава смисла на твојот.

Го добиваш тоа чувство со нови чевли, со ново парталче, со новата фризура? Не?!

Тогаш излези надвор, промешај се низ светот и – сакај се.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Може да танцувате до зори, па во 8 да одите на работа и не, не мора да пиете мача - само уживајте в... „Мора да водите сметка за храната. Мора да пиете 2 литрa вода дневно. Мора да сп...
„Син ми (2) ме удри со глава, речиси ќе завршев со скршеница во Државна болница - Мајки, вака тешко ... Во животот никој ме нема „малтретирано“ како моето дете. Добро, јасно е и дека н...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
„Син ми инаку прозборе на 10 месеци“ - Во ред мамичке, гледам, сега личи на иден претседател на држа... „Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“... Деца се, не сакам да коментирам, н...
Сара Климоска за CRNOBELO лексикон: „Во основно бев златно дете со сите петки, а во средно ме фатија... „Лажев дека одам кај другарка ми во истата зграда и облекував пижами преку облек...
Теа Трајковска за CRNOBELO лексикон: „По првиот бакнеж си помислив: ‘Ооо, па не било толку страшно’“ „Најчудната и најсмешната порака што сум ја добила на Инстаграм е: 'Те сону...

Најчитани неделава