„Тешко е да се живее со 9000 денари месечно, а уште потешко без нив“

Сте се довеле во ситуација да пропаднете во земја од срам поради своите непромислени коментари? Јас многу пати, кога јазикот ми бил побрз од умот.

Tesko-e-da-sei-zivee-so-9000-denari-a-uste-potesko-bez-niv-01.jpg

Но, никогаш не ме здоболело срцето како тогаш. Срамот беше практично ништо во споредба со болката во душата, со тежината која ја понесов во срцето. И ниту еден ден не е ист по средбата со таа жена, текстилна работничка од внатрешноста на Македонија.

Жена, просечна македонска жена во доцните 50-ти години. Жена од старите генерации, со поинакви сфаќања и принципи. Жена која имала многу желби како девојка, но рано ја осознала суровоста и неправдата во животот. Како и многу други во Македонија, немала услови да заврши високо образование.

Студирањето на факултет не било опција за неа. Одвај го завршила и средното образование. Била потребна за работа во бавчата, на полето, на нивата. Нема леб без мотика, тоа било мотото во нејзиното скромно семејство.

Се садело, се плевело, се полевало, се жнеело, се собирало. Се метело и перело и пеглало, се крпело и шиело. Што за дома, што за некоја паричка плус.

Тешко е да се пронајде работа кога си необразован. Сакав да додадам дека тешко е да се најде работа и со факултетска диплома и магистратура денес, но помолчав.

„А вас, како ви е живејачката по Скопје? Стигнува ли?“ – ме прашува тетката.

- Одвај. Одвај ги покриваме трошоците, сметките и храната. Заштеда скоро и да немаме.

„Тешко е, знам дека е тешко. И мојата платичка не е многу висока“. И тогаш ја кажа сумата која ми предизвика страв, срам, бес кон неправдата со кои се соочени многу граѓани во оваа држава.

9000 денари. Си ги повторив во себе, како да не сум ја слушнала добро. 9000 денари. И секоја сабота е работна. А доколку ѝ е потребен некој слободен ден, или пак не ја исполнила нормата до крајот на месецот, им скратувале по 10 до 20% од платата.

Да скратат – од што да скратите бре робовладетели? Од цели 9000 денари? Занемувам, немам зборови, срцето ми се стега во грутка, очите ми се полнат со солзи. Имате ли совест и милост?

За мене немањето пари значи да не можам да си дозволам пар кожени чизми, нов волнен капут, да не можам да отидам на зимување, покрај задолжителниот летен одмор.

За оваа жена немањето пари е еднакво на немање леб. Тоа е лицето на сиромаштијата во Македонија. Да се нема леб на масата, ама буквално, не во некоја поетска, метафоричка смисла. Да не можеш да си дозволиш оброк со месо, да купуваш 5 јајца, 300 гр. ориз.

Да не можеш да отидеш на одмор повеќе од 15 години. Никаде. Да се прашуваш како е во Дојран, дали е убаво како кога си била дете? Да немаш пасош - а зошто ти е? Каде ќе патуваш со него?

Да мизеруваш од секој аспект во животот, со празен стомак. Да си понижен, со здробено човечко достоинство. Да го крпиш секој ден со страв како ли ќе го дочекаш наредниот, кога ли ќе дојде крајот на месецот?

„Некогаш си велам, ќе заврши ли веќе еднаш животов? Смачено ми е. После си велам, како не ти е срам, биди среќна, главата горе, жива и здрава си, а тоа е најважно. Си имаш две златни дечиња, за нив треба да живееш“.

Помислувам како ли се крепи куќа со тие пари, како ли се школуваат и ранат деца? Како да ми ги чита мислите…

„Стигнува, ако се потрудиш стигнува. Ќе си скратиш од сè. Од јадење, од пиење, од спиење“, се насмевнува. „Ќе си ја пазиш евтината струја со око соколово, ќе си водиш есап за сè дома“.

За време на целиот разговор не ја симна насмевката од лицето. Со кафе и благо кое го извади на масата, од кое ти е незгодно да каснеш, како да ѝ го земаш од устата, а истовремено не сакаш да ја навредиш нејзината гостопримливост и широкото срце.

Насмевката благо ѝ се разлеваше пополнувајќи го измаченото лице, длабоките брчки дури и кога зборуваше за проблемите во половината од мачната работа над машината за шиење, за неподносливата жештина во погонот летно време и мразниот студ во текот на зимата.

„Лоши се условите за работа… а газдите? Газдите што се богатат на нашиот грб, нашата мака? Газдите чии деца не знаат што попрво со парите, а нашите се тресат каде ќе се сместат кога ќе започне новата година на факултет, што ќе јадат, како ли ќе купат книги… Господ само здравје да им даде на газдите. Тој ќе им суди“.

Сакам да ја прашам зошто не се бунтуваат за подобри услови, повисока плата… таа повторно ми ги чита мислите…

„Кој фактор сме ние? Заменливи, неписмени жени. И да те набркаат утре, лесно ќе најдат друга. Не заслужуваме повеќе, необразовани сме. На другите им е страв. Ќути, има и полошо…“.

Има ли? Навистина се прашувам – има ли полошо?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg