Каде бевте мои најдобри другари кога почина татко ми и немавме пари за парче леб дома?
Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк
Возач 13-06-2019
Продавач 13-06-2019


Каде бевте мои најдобри другари кога почина татко ми и немавме пари за парче леб дома?

Најголемата животна лекција која сум ја научил досега? Оние коишто се прилепени за тебе од корист како некои паразити, порано или подоцна ќе си го покажат вистинското лице.

Kade-bevte-najdobri-moi-drugari-koga-pochina-tatko-mi-01.png

Тие пијавици кои само сакаат да цицаат крв и гледаат што е можно повеќе да искористат од тебе на секој можен начин, најдобро е да ги отстраниш од својот живот што е можно побрзо и побезболно.

Те советувам, откако ќе ја прочиташ мојата приказна, добро да размислиш дали имаш вакви нелуѓе во животот, кои се тие и веднаш да ги избришеш од именикот и сеќавањата.

Никогаш не сме биле премногу богати, но живеевме удобно и се сеќавам дека како дете имав практично сè што ќе посакав. Најнови патики, брендирани фармерки, скапи дресови, најквалитетни ролери, Плејстејшн… сè што ќе излезеше или ќе посакав да го имам моите родители ми го купуваа.

Сепак, ме учеа дека работите треба да се делат, бидејќи неподелената среќа не значи практично ништо. Домот отсекогаш потсетуваше на автобуска станица, другари доаѓаа, други заминуваа, се јадеше сè што има во фрижидерот до последната трошка.

Сум им позајмувал алишта за излегување, патики, парфеми кои никогаш не сум ги барал назад. Едноставно заборавав дека сум го направил тоа, ми беше незгодно да си го побарам блузонот кој другар ми го носи со толкав мерак, па зошто да не му го оставам?

Се празнел мини-барот на татко ми со грижливо купувани и собирани ретки пијалаци до последната капка и никогаш не сум направил проблем, никогаш не сум кажал збор, затоа што наивно верував дека никој не ме користи. Верував дека тие другари би го направиле истото и за мене и попрво ќе си ја отсечев раката отколку да помислам дека некој би ми го свртел грбот.

Каде и да тргневме мојот автомобил беше главното превозно средство и никогаш не сум побарал ниту денар за бензин, патарини и слично. Отсекогаш сум мислел – штом сум тргнал некаде, не е важно дали се вози еден човек или четворица, нема потреба од собирање пари за превоз.

Мојата врата секогаш била отворена, во секое време било за совет, помош или заем, кој ретко ми бил враќан назад или во полната сума.

Бев слеп и глув додека моите најблиски се обидуваа на неколку наврати да ми ги отворат очите и ушите.

Пред неколку години, татко ми ненадејно почина од инфаркт. Најголемиот финансиски прилив доаѓаше токму од него. Мајка ми ја загуби работата по неколку месеци од преголемиот стрес и почна да се разболува од грижи.

На мене падна целиот емоционален, но и финансиски товар. Не знаев што да правам попрво, да привршувам ли со факултетот, да се грижам ли за мајка ми која веќе беше болна или да работам напорно со цел да го водам домаќинството кое полека ни пропаѓаше, со неплатени сметки кои се трупаа и фрижидер кој зјаеше празен со недели.

Моите најдобри другари, они за кои верував дека би го дале животот за мене, мистериозно исчезнаа. Очигледно кога немаш да понудиш ништо од материјален аспект стануваш неинтересен, непожелен во друштвото.

Ми останаа малкумина луѓе од доверба, луѓе од кои најмалку очекував нешто. Денес можам да ги наречам вистински другари. Се бројат на прстите од едната рака, но ми се најдоа кога ни беше најтешко, буквално кога сме немале ниту 50 денари за парче леб со мајка ми.

Работев вредно и напорно. Сфатив што значи да изградиш бизнис од нула, слично како и татко ми. Што значи да го цениш денарот, да не се расфрлаш, иако од оваа перспектива денес сметам дека моите ме разгалувале премногу, грешка што не планирам да ја направам со сопствените деца.

Но, поголемата лекција која сакам да ја научат е онаа дека не можеш да делиш сè со луѓето кои се користољубиви и во тебе гледаат само пари, материјални предмети и ништо повеќе. Не се вредни, не те заслужуваат. Низ животот треба да ги препознаеш таквите и да се држиш подалеку од нив.

Денес, десетина години подоцна од сите немили случки и бедата која ни ја приреди животот, време-навреме успевам да сретнам некој од поранешните „другари“ низ градот.

Наместо да ја наведнат главата и да ме одминат, тие сè уште немаат срам. Ме поздравуваат како да не се случило ништо, предлагаат да се најдеме на кафе и да разговараме за некоја нова бизнис-идеја која носи огромна потенцијална добивка.

Немаат срам, немаат грижа на совест, сè уште се истите паразити, пијавици, лешинари. Сè уште мислат дека сум стариот наивен, лековерен будала кој е подготвен да го подели и последното залче во име на другарството.

Но, јас ја научив мојата лекција. Се надевам дека и вие ја имате научено, на полесниот или потешкиот начин.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Можеш ти жено сè што ќе посакаш, само немој да венееш покрај лошиот ма... Што сè постигнува една жена, знае само таа, иако често и не е свесна за своите м...
Типичен Балканец - ги знае сите сложени комбинации за спортска, но не ... „Знаеш што си бара жената одвреме-навреме? Ќотек си бара. Превоспитување, во слу...
Веќе не сум истата, сфатив - животот те руши за миг, само ако така нау... Дечко ќе преболам, работа ќе прежалам, безвредно пријателство ќе прекинам... Па,...