Да се дотераш во најскапиот фустан, а гаќите под него да ти се скинати и црни од неперење

Сиот наш простотилак и злоба се собрани во едноставни примери од секојдневието, на кои сме толку многу навикнати, што повеќе не им обрнуваме внимание. Следствено – не умееме веќе да ја препознаеме злобата која ни вирее во срцето и простотилакот кој се излева од нашата уста и постапките.

Da-se-doteras-vo-najskapiot-fustan-01.jpg

Сиот наш простотилак и злоба се собрани во тоа да грабаш, иако немаш потреба од истото. Си слушнал дека е „гага“, а кога е гага и киселината е блага, така беше, нели?

Сиот наш простотилак и злоба се отсликува во тоа што туѓото го цениме, а своето го кудиме. Кога треба да се пофали – ние навредуваме, кога треба да се критикува, ние фалиме до небесата. Фали ме усто да не те расчепам, чорапо незакрпена.

Сиот наш простотилак и злоба ќе го видиш на филмска проекција, на театарска претстава, на концерт. Е таму, токму таму ќе се разџвакаш, ќе се изнаправиш муабет и ќе си раскажеш по некој рецепт за брзи кифлички, додека со другиот дел од умот веќе кроиш план како подоцна ќе ја озборуваш колешката од работа со која секое утро го пиеш првото утринско кафе.

Сиот наш простотилак и злоба се гледа во градските автобуси, каде што се буткаш да ѝ го земеш местото на бремената жена и немаш намера да станеш од седиштето, затоа што не си ѝ го правел ти детето и воедно го осудуваш нејзиниот непромислен чекор да забремени толку млада, а ваму ги бодриш и поттикнуваш сите да раѓаат и да се размножуваат, да не ни се сотре семето наше македонско, праисториско, древно и бесконечно, бесконечно секако во глупоста која ја носи со себе.

Сиот наш простотилак и злоба е во супер маркетите кога гледаш само да се дочепиш прв до касата за наплата, а кога веќе ќе се најдеш таму, намерно го задржуваш и оптегнуваш редот за да видат другите како е, сега кога ти си дојден на ред, цар и господар на продавницата и повеќе не ти се брза, туку напротив, го имаш целото време на светот да им го забибериш животот на другите околу тебе, да им го направиш денот и да имаат за што да зборуваат и да се нервираат во остатокот од часовите до полноќ.

Сиот наш простотилак и злоба е собран во она „го кажувам тоа што го мислам, не сум лицемерен“, па ова ти е алибито да плукаш навреди, да тропаш непромислено глупави нешта, да „плеснуваш директно во фаца“, без нималку осет за чувствата на другите, бидејќи ти си тој искрениот месија кого го чекавме во овој живот, бидејќи сите ние немаме огледала дома, немаме очи и уши, ти си нашата ѕвезда-водилка и со искреноста ќе нè просветлиш, ама на првата наша забелешка упатена кон тебе длабоко ќе се навредиш и ќе се прекрстиш, оти другите – не се доволно кадарни да наоѓаат маани професионално како што ти го правиш тоа.

Сиот наш простотилак и злоба ќе го пронајдеш во прашањата поглупави и од она за времето надвор, а тие гласат: До каде си со факултетот, Уште ли не најде работа, Кога ќе те мажиме, ајде што чекаш, кога планираш да раѓаш, За сите се најде девојка, за тебе нема, ти дечко да не си обратен…?!

Сиот наш простотилак и злоба е содржан во она да се налицкаш и кога не ти е дојдено до тоа, да се смееш извештачено кога ти се плаче, да се задолжиш за одмор да не помислат другите што ли правеше цело лето дома, да се дотераш во најскапиот фустан, а гаќите под него да ти се скинати и црни од неперење, да се избањаш во парфем, кога и самиот си небањат со најобична вода и сапун…

Сиот наш простотилак и злоба е да се фалиш колку пари си фрлил на музиката во саботата во задимената кафеана и песната која те „дирнала“ во срцето, а ваму арам да им е на овие безобразнициве што просат за пари да се оперира таму некоеси болно девојче, и него го боцкало срцето, но не колку тебе кога ќе те погоди омилената песна од Аца Лукас…

Сиот наш простотилак и злоба е во тие Лукаси и Цеци и Меци и генерално се отсликува во изведувачите од соседните држави коишто доаѓаат да си го наполнат џебот, додека ти привидно си се хипнотизирал со најевтината можна забава и се радуваш како си го исклучил мозокот на неколку часови, кога вистината е дека тој ти е цело време исклучен.

Исклучен е додека отсутно зјапаш во евтините сапуници кои ти ги сервираат на ТВ, исклучен е додека политичарите бесрамно те лажат во трката за твојот глас, додека ти удираш со тупаници по масата и се расправаш со најдобриот пријател кој е подобар, а кој полош, додека боцкаш од најевтината салама и си го гориш грлото со домашната ракија која ја направи кришум во гаражата, додека тие јадат деликатеси кои не можеш да ги замислиш ниту во најлудите соништа, носат манжетни на кошулите колку твојата просечна плата, а нивните деца си го бришат носот со твојата дневница за која се потиш.

И во Новата година само да си посакаме помалку простотилак и злоба, а повеќе вклучен мозок. Можеби, само можеби, сè уште имаме шанса да го спасиме изумирањето на човечкото во нас.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg