Немав пари, немав врски и не се вратив во градот во кој ако прошеташ гол на улица нема кој да те види!
Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк
Prodavacka 20-05-2019
Возач 20-05-2019
Продавач 20-05-2019


Немав пари, немав врски и не се вратив во градот во кој ако прошеташ гол на улица нема кој да те види!

Ако треба да употребам само еден збор за да опишам чувството од четирите години додека студирав на факултетот во гладниот град, тогаш ќе употребам простачки, грд и недостоинствен збор: измет.

Nemav-pari-nemav-vrski-01.jpg

Потекнувам од мало гратче во Македонија. Додека растев, особено за време на детството, не чувствував некоја особена поделба помеѓу другарчињата. Сите имавме од прилика исто. Парите не ми значеа ништо. Ќе ти кажат од дома дека нештото што го посакуваш не може да се купи, ќе си поплачеш еден ден и утредента ќе заборавиш.

Додека наполнив 18, сфатив дека нештата не се толку едноставни како мармаладот намачкан на лепче што ти го подаваат додека играш на улица, а ти го делиш со другарчето.

Моите родители се расправаа до доцна во ноќта со кои пари ќе одам на факултет. По стотици пресметки, кроења, детални анализи и планови, беше решено: Ќе одам на факултет. Ама да учам! Или ќе учам и ќе бидам најдобра или ќе се вратам по првиот семестар дома!

Со плачки, закани и изброени пари тргнав на факултет во главниот град. Бев сместена во студентски дом и ја мразев секоја минута помината во него. Постојаната бучава, трескањето врати, кафињата, гостите, лудите забави, непрестајната гласна музика. Немањето топла вода, немањето сопствена приватност. Мизерната храна во мензата, лебарките на подот и оние кои случајно залутале во јадењето.

Делењето на скопјаните и провинцијалците, етикетите од типот „лесни женски што се даваат уште полесно, дојдени само да се омажат и да ни ги лапнат дечковците и работните места“.

Ниту ми беше дојдено до мажачка, ниту до лапнување на работно место за кое треба да се понижиш, со партиска книшка, лепење плакати и дремење по штапчиња.

Ги немав ни врските, ни парите. Го имав само умот и решеноста да го завршам факултетот и да си го побарам спасот некаде надвор од Македонија.

Секако, да имаше услови во мојот роден град немаше да размислувам ниту секунда. Ќе се вратев, ќе си работев и ќе си живеев во куќата која моите ја започнале за мене, а никако не успеаа да ѝ стават прозорци, врати, покрив и фасада.

Ќе си ја довршев самата. Ќе се борев и верувам дека ќе живеев среќно. Но, знам дека немаше да биде така.

Ниту имало услови во мојот град, ниту ги има денес. И така е со сите мали градови во Македонија. Заборавени, зачмаени и запустени. Гол да излезеш и да прошеташ на улица, нема да сретнеш никој. Да паднеш и да умреш на патот, ќе те најдат за една недела.

Што мислам за сите оние од мојата генерација кои останаа во Скопје, работат мизерни работи, а од дома им праќаат уште по некој денар ситно да го скрпат месецот? Немам храброст да мислам на тоа. Им се чудам и ги сфаќам и сожалувам, сè истовремено.

Јас за себе знаев дека морам да избегам. Дека нема да пркнам и никогаш нема чесно да заработам повеќе од 300 евра плата. Немав пари, немав контакти, немав влијателни роднини, немав политички амбиции. Не ме бидува за ласкање, давање лажни комплименти, не знам да се смеам на несмешни вицеви, да трепкам со очињата и да спијам со гнасни ликови за да стигнам до многу посакуваната цел.

Многу работев за да бидам онаму каде што сум денес. Завршувањето на факултетот беше само почеток. Усовршување на јазикот, дополнително студирање и паралелно работење на една, а понекогаш и две работи.

Не знам колку вечери сум паднала во кома од премореност. На моменти се збунував и не знаев дали сонувам или ја живеам сопствената реалност.

Но, можам да потврдам дека се исплатеше жртвата. И за таквите нешта вреди да ризикуваш и вреди да се жртвуваш. Вреди да те болат сите коски, да бладаш бидејќи мозокот ти е поматен од мислење и учење. Вреди и да јадеш помалку и да се облекуваш скромно, вреди сè на крајот.

Немаше да вреди дома. Немаше да добијам ништо, освен куп фрустрации и растроен ум. Немаше да го добијам заслуженото, ниту пофалби, ниту аплаузи. Можеби само едно тапкање по рамото и веднење раменици дека „тоа е“ и дека „има и полошо“.

Не е тоа. Нема полошо. Ги читам вестите од Македонија и не можам да се дочудам. Не можам да разграничам што е сериозно, а што комично, сите вести звучат сосема бизарно и откачено.

Што не ми недостасува? Не ми недостасува воздухот за почеток. Водата која летно време секнува во мојот град и сме ја чекаме со часови да се избањаме. Не ми недостасуваат дупките на патот. Чекањето ред во болница како некое куче.

Не ми недостасува висењето по шалтери и отсеците по реторички прашања по принципот „сам прашуваш – сам си одговараш“. Не ми недостасува сиромаштијата. Не само онаа финансиската, туку и онаа на духот. Не ми недостасува озборувањето и малограѓанштината.

Не ми недостасуваат бесконечните муабети за политика и кавгите за истите, додека тие во фотелји се богатат на нашиот грб и нашата поделеност. Не ми недостасуваат мамините синчиња и татините принцези и нивните врскички, професорите кои трепереа нив, поклонувајќи им се до земја, од страв да не ги отпуштат од работа нивните семоќни родители, еднакво неписмени и неспособни како и нивните дечиња, ракот на општеството.

А што ми недостига? Ми недостигаат пријателите и родители. Ама пријателите еден по еден сите си заминуваат, се иселуваат и доаѓаат наваму, а во план сум да си ги земам родителите со мене… чудесна земјо. Те нема толку бедна и понижена, свиткана на колена никаде на светот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во Македонија сите станавме експерти за сè – затоа не нè бива! Треба да научиме нешто ново? Па, неее... Зошто ни е таков луксуз во животот? Тре...
Мамо, знам дека кинеше дел од својата душа, само за јас да бидам среќе... Ако не беше таа јас немаше да знам како изгледа среќно детство, немаше да ги зна...
Типичен Балканец - ги знае сите сложени комбинации за спортска, но не ... „Знаеш што си бара жената одвреме-навреме? Ќотек си бара. Превоспитување, во слу...