Научете ги новите генерации што значи да се биде човек – нека го гледаат животот со отворени очи

Ние луѓето сме навистина чудни битија, секој со свои сфаќања, ставови, размислувања, расудувања.. Навидум толку индиферентни, а сепак комплексно изградени да чекориме по ова климаво тло наречено „свет“.

nauchete-gi-novite-generacii-shto-znachi-da-se-bide-chovek-neka-go-gledaat-zhivotot-so-otvoreni-ochi-001.jpg

Некои совршени, некои и не толку, бидејќи товарот кој го носат за возврат ја зел нивната убавина. Сѐ си има своја цена, нели?

А пак оние првите, тие навистина скапо ја платиле порцеланската маска што ги крие сите грижи и несоници.

Животот е убав ако знаеш како да го живееш, барем така велат. Но, дали некои од нас се родени под среќна ѕвезда, а пак некои се самите креатори на својата среќа?

Колку и да сме сите различни, по крој и ткаенина, постои едно нешто кое на секој од нас, во одреден период од животот му е потребно, а тоа е: ЗАШТИТА.

И да, нормално е секому паметот да му одлета на различно место, се работи за збор кој може да се искористи во илјада и една ситуација, а всушност е присутен од самото наше раѓање.

Бебе... Толку нежно и кревко суштество. Што е она кое целото семејство се обидува да го направи?

Се обидува да ги намали грчевите кои го вознемируваат неговото стомаче и не му даваат сон, го дистанцираат од средбите со многу луѓе, се обидуваат да го заштитат од лошиот воздух кој го дишеме, од валканите раце кои сакаат да го допрат.

А во иднина ќе се ракува со уште повалкани, но засега е рано, секако не ќе нѐ разбере...

Првите чекорчиња за брзо време се претвораат во трчање, достигнување до сето она што дотогаш било недопирливо.

И повторно, потребна му е заштита, а со неговото растење таа станува сѐ поголема. Кога веќе ќе потпорасне, детето почнува да го осознава светот во кој живее.

Во училиште ќе си најде другарчиња, но можеби ќе има и такви кои ќе го исмејуваат, малтретираат, дискриминираат.

Ќе му биде потребна заштита.

Кога тинејџерските „бубачки ќе пролазат“, неизбежни се првите тепачки, несогласувања и скршени срца поради одбиената љубов.

Потребна е заштита, подадена рака, убав збор кој ќе го смири вулканот во него. Имајте на ум дека тие поминуваат низ најчувствителната етапа во нивниот живот.

По некое време следува онаа „заштита“ на која повеќето од вас помислија на почетокот од текстот.

Се чудите кога побрзо поминало, но хормоните на вашите „малечки“ веќе почнаа активно да работат. Тие се подготвени за чекорот кој вие таинствено го одложувавте.

Првиот секс. И повторно, клучниот збор: заштита. Од сите возможни последици, несакана бременост и сите сексуално преносливи болести кои може да следуваат доколку не се користи истата.

Зборувајте со своите деца, вие сте оние кои го умеат тоа подобро од кој било друг.

Не оставајте простор за случајности. Зборувајте за сѐ што ќе ви падне напамет, бидејќи животот нема да биде така заштитнички настроен спрема нив, а вие нема да сте вечно тука да ги заштитувате.

Времето минува толку брзо, се чудите како повеќе не им е потребна вашата заштита, всушност тие ги заштитуваат другите, вклучувајќи ве и вас.

Ја заштитуваат колешката од работа, која секојдневно ги трпи навредите, понижувањата и допирите од нејзиниот шеф, со тоа што го пријавуваат.

Го заштитуваат својот стар и беспомошен сосед, кому три пати му провалиле во станот, менувајќи ја влезната брава.

Покрај сите препреки успеваат ќерката на Маја, која има аутизам да го продолжи своето образование во III-2, иако со претходно собраните потписи од родителите, веќе требаше да биде отстранета.

Ја заштитуваат кутрата бабичка на кардиологија која изгубила сила чекајќи веќе 2 часа за нејзиниот закажан преглед, отстапувајќи ѝ го својот термин.

Кога ја прашуваат што ја боли најмногу, таа шепотејќи одговара: неправда.

Ги заштитуваат уличните, изгладнети кучиња кои секојдневно се малтретирани, борејќи се за нивните права и барајќи им соодветни домови.

Се вклучуваат во уште милион други акции, со цел да се помогне на оние на коишто им е најмногу потребно, вклучувајќи ги: бездомниците, социјално загрозените семејства, самохраните мајки, лицата со посебни потреби, жртвите на насилство...

Се спротивставуваат на сите нанесени неправди на кои вие можеби сте затворале очи, бидејќи „така морало да биде“.

Ја гледате среќата во нивните очи, помагајќи им на другите луѓе.

Душата ви е исполнета. Сиот ваш труд и посветеност - прикажан низ  дела.

Гордоста не можат да ја опишат илјадници зборови. Не залудно некој рекол: Децата се огледало на родителите.

Тие се вашата рефлексија, онаа која ја криете од светот. Заштитете ги вашите деца, но не слепо.

Оставете ги со ширум отворени очи да го гледаат текот на животот.

Оставете ги да учат, да се обидат, да паднат и повторно да застанат на своите нозе.

Оставете ги да се бунтуваат, да се спротивставуваат, да читаат, да творат, да видоизменуваат.

Оставете ги до срж да го почувствуваат она зборче кое секојдневно го среќаваат во книгите, оставете нивната млада и свежа крв да ги руши сите граници.

Само така ќе научат да го препознаат и издвојат валканото од чистото, праведното од неправедното, доброто од злото...

Да подадат рака, да го заштитат секој кому му е потребна заштита.

Бидејќи раката која дава, никогаш не се суши.

Во ова грне полно лој, научете ги што значи да се биде човек, во вистинска смисла на зборот!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Мила М. | Црнобело 

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Омиленото годишно време открива какви сте во љубовта (но и каков ви е карактерот) Многу работи го дефинираат начинот на кој луѓето сакаат и се однесуваат во љубов...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Луѓето ќе ви зборуваат за вашето дете, но не ги слушајте... Јасно и гласно ќе ви кажат дека не треба да го лулате бебето за да заспие, а пот...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg