Седењето во кафуле и кафеана ќе ми биде „на трње“ – иако ми е драго што наскоро ќе биде дозволено

Народот веќе станува крајно нестрплив. Изгледа како сите да полудевме дома, а времето коешто се стоплува и нè мами да излеземе надвор воопшто не ни оди во прилог.

zosto-nema-da-odam-na-kafe-vo-kafulinja-iako-ke-mozam-naskoto-da-go-pravam-toa-001.jpg

Од сè ни е преку глава. Од вирусот, од статистиките, од луѓето кои шират премногу параноја, до оние коишто нè убедуваат дека вирусот не постои и сè е само една голема теорија на заговор.

По примерот на соседните држави, Србија, а наскоро и Хрватска, и кај нас полека се подготвува протокол за отворање на кафулињата и рестораните.

Но, секако, не со полн капацитет. Ќе важат одредени правила кои ќе мора да ги почитуваме, доколку сакаме да седнеме во некој локал од ваков тип.

Ги гледам вредните вработени кои полека ја подготвуваат кафеаната во близината на зградата каде што живеам. Од една страна се радувам – конечно се враќаме во нормалата и конечно овие луѓе ќе се вратат на своите работни места. Од друга страна, не можеш да не ги забележиш маските на нивните лица, ракавиците на рацете, сите средства за дезинфекција во и околу објектот. Ништо од тоа не е нормално. Ова е сè уште една опасна, ненормална ситуација.

Ние сме народ на кој седењето во кафеана му е впишано во генетскиот код. Таму сме за убаво. Таму сме за лошо. Таму сме за вљубување, таму и раскинуваме. Таму честиме за бебето, таму даваме ручек за покојникот. Таму сме на брзина, на една пијачка „од нога“, таму сме да седиме со часови додека не прогласат фајронт.

Затоа сето ова ни паѓа толку тешко. И разбирам, сосема го разбирам гневот и бесот на народот. Но, ги разбирам и семејствата на жртвите кои починаа од вирусот. За нив статистиката не е само обична бројка како за мене. Таа има име, презиме. Имала живот. Живот кој сега им недостасува околу нив.

И кога ќе помислат на овој дел од суровата реалност искрено ми се плаче. Од една страна ми се излегува, ми се пие со друштвото, ми се мези, ми се пее. Додека не затвори кафеаната. Од друга, не можам да ја игнорирам реалноста колку и да сакам.

Да, тие луѓе треба и мора да почнат со работа и да заработат. Треба да ги поддржиме. Но, признавам дека можеби нема да се чувствувам удобно да седнам, да испијам едно кафе или опуштено да јадам. Ќе бидам како „на трње“. Постојано во грч дали келнерот си ги дезинфицирал рацете, дали готвачот внимателно ја зготвил храната, дали приборот е добро измиен…

Не знам дали ќе одам во кафулиња и кафеани, иако наскоро ќе можам. Ќе почекам уште некое време. Ќе најдам начин да ги поддржам омилените локали, со нарачка до дома или со купување кафе за носење. Не сакам сосема да замрат, веќе рековме дека и тие луѓе мора да живеат од нешто.

Секако, вие кои ќе се решите да одите, не ве осудувам. Само се надевам дека ќе ги почитувате препораките. Но, како што не ве осудуваме ние кои сме решиле да не одиме во кафеана уште некое извесно време, ве молам немојте да нè осудувате и вие поради нашата одлука.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
Откако станав мајка, многу работи ми се пеколно тешки, но никогаш повеќе не сум се смеела до солзи Откако станав мајка добив таков огромен товар на неочекувани обврски и незамисли...
Не беше тука за мене, ама можам само да ти кажам – благодарам што ме остави сама... Не беше тука за мене кога се плашев, но можам само да ти кажам благодарам што ме...
Александар Митевски за CRNOBELO лексикон: „Малку ми е незгодно кога во кафеана ќе засвират и некоја ... „Една работа за која се каам во кариерата се политички кампањи и политика. Со го...
Чарна Невзати за CRNOBELO лексикон: „По првиот бакнеж си помислив дека не е баш филмски“ „Здраво, во глава сме заедно веќе 5 месеци. Среќна годишнина! - е најсмешната по...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg