Исповед на Кирил од Велес: „Една година без хемотерапија. Една година од инфарктот. Една година нов живот.“
Една година од последната хемотерапија. Една година од инфарктот. Една година нов живот.
фото: depositphotos.com
Тегобноста и стравотијата на моменталната состојба на светот нè тера лесно да се навраќаме на најубавите мигови од нашиот живот. За мене тоа се одредени лета со мојата мајка и мојот покоен татко во Велес, четирите години поминати во Солун, трите лета со моите најблиски, двете патувања во Ерусалим и едната ѕвездена ноќ која ме промени засекогаш.
Не дека нема и други, но овие за мене се на врвот. И сега, овие моменти ми се сè; ми се дел од мојот ѕвездено животен конец, кој го следам каде и да ме одведе.
Се навраќам на детството, по истите патишта по кои чекорев, истите калдрми кои ги газев, истите патеки по кои сонував и се смеев. Мислам дека само така некој може да остане присебен.
Со мене е и ѕвездениот конец на животот мој, кој е испрпеплетен со толку многу други, а сепак е мој, и светка на посебен начин. Сум го стегнал во десната дланка со тупаница и не го пуштам.
Со сите ѕвезди од минатото, и сето она што мене ме прави среќен, ја прославувам оваа прва годишнина со една голема насмевка, благодарност, радост и некои горчливи сеќавања кои за жал, ќе останат со мене засекогаш. Ама и тие ме прават среќен. Мора да ме прават среќен. Да знам и за најмалото да се радувам и да благодарам. Бидејќи животниот ѕвезден конец иако навидум долг, е прилично краток.
Со малигнен тумор бев дијагностициран на 12-ти октомври, 2019 година. На 21-ви октомври, 2019 година ми беше извршен хируршки зафат. Официјално, хистопатолошкиот наод потенцираше дека станува збор за тестикуларен канцер – Mixed Germ Cell Tumor (seminoma, yolk sac tumor et embryonal carcinoma) stage 1A.
На 25-ти ноември, 2019 година (ден пред мојот 34-ти роденден) почнав со првиот циклус на BEP (bleomycin, etoposide and platinum); циклус кој се состоеше од пет последователни денови хемотерапија. Следуваа две недели пауза, и повторно уште еден циклус од пет дена. Вториот циклус на хемотерапија заврши на 20-ти декември, 2019 година.
За жал, како несакано дејство, дел од хемотерапијата ми создаде тромб во една од срцевите артерии. Па на 24-ти декември, 2019 година, доживеав акутен трансмурален миокарден инфакрт на долниот ѕид на срцето (десна коронарна артерија). После неколку денови во Клиниката за кардиологија, бев пуштен дома со еден стент. Баш пред Нова година; за почеток на една нова година.
Како и првиот пат, сакав од повеќе причини да го напишам овој текст: подигнување на свеста за рана детекција на карцином, здравје и грижа за срце, давање поддршка на други кои поминуваат низ слично, поттикнување на уште поголема вера, надеж, љубов, мудрост.
Сакав од повеќе причини да ја раскажам оваа приказна на мојата прва годишнина, бидејќи слушнав за толку многу несреќни приказни кои би можеле да бидат спречени само со уште еден изоден чекор нанапред, една поголема решителност.
Во текот на постоперативното закрепнување и во текот на хемотерапијата, слушав за жени и мажи кои од срам едноставно не преземале никаков чекор. А времето како време знае да биде немилосрдно: го поттикнало најлошото; и голем дел од тие жени и тие мажи не се повеќе со нас.
Еден брановит пустош поради тоа што ние не сме доволно храбри да појдеме на една контрола. Можеби и не станува збор за храброст, можеби повеќе е болно балканско гаење на една несериозност која ја носиме како амблем... или можеби е страв од што може да биде.
И повторно се вртиме во круг, дека пак сè се сведува на тоа да се биде решителен и храбар. За здравјето најмногу. Бидејќи не го правиме тоа само за нас; го правиме и за оние најблиските. За оние што нè љубат, и ние ги љубиме. Ако нè победи срамот и не се обидеме да се бориме тогаш сме себични, а треба да сме силни, треба да сме храбри. Силни за нас, силни за тие околу нас.
Сето ова ме потсети на мојот покоен татко, кој одбиваше секаков вид на третман за неговиот вид на канцер, секаков вид на хемотерапија, и поради тоа веќе не е тука со нас. Чудно, потсетува на еден поетски отпечаток на едно време; како сè да се врти во круг. Животот е таков. Зарем стигнавме до тоа, да загубиме некој близок, па да се исплашиме, и да почнеме да се грижиме за себеси?
Додека се двоумев дали да го напишам ова и како да го напишам, се запрашав, „што ли сакаш да кажеш со текстот?“
Се подзамислив, „сакам да знаат дека не е крајот. Сакам да знаат дека кога станува збор за здравје, не постои срам и не постои страв; постои само решителност и храброст. Сакам да знаат дека да, тешко е. Понекогаш во текот на хемотерапијата мислиш дека пиеш темнина и паѓаш во бездна, и дека таа темнина и таа бездна раѓа празнина во тебе; но тука се оние кои остануваат и вистински те љубат. Дека иако мислиш дека низ сета кожа има слој од мраз и слана, сепак кожата се обновува и паѓа; одново сè се раѓа. Сакам да знаат дека има излез; дека штом постои лек, постои и начин... постои и надеж исткајана низ тој очај.
Сакам да знаат дека иако не веруваат во Бог, и ја губат сета надеж во Него; Тој верува во нив, Тој има надеж во нив... во нас. Сакам да знаат дека има вистински херои на кои можат да ги свртат своите очи, својата душа и срце, од каде можат да црпат сила. Сите оние кои ја водат истата битка додека се заедно во истата соба, кои постануваат пријатели, семејство... Сакам да знаат дека колку и да се запрашуваат „зошто јас?“, нема одговор. Дека колку и да се обвинуваат, не е нивна вина. Дека постои љубов што е секогаш со нив.
Сакам да знаат дека постои место кое секогаш ќе е таму за нив, каде светлината секогаш ќе ги затоплува... а тоа место е полно со сеќавања и надеж... како што беше за мене тој ѕвезден конец... како што и уште е... тој прекрасен небесен мир... една мелодична катарза која не може да се спореди со ништо... а сепак е сè. Сакам да знаат дека тој почеток, има и крај... а тој крај ќе е таков преубав почеток...“
И потоа се подзамислив уште повеќе.
Сакам и да знаат дека некои луѓе кои се надевале дека нема никогаш да ги остават, ќе исчезнат. Но и оние за кои најмалку се надевале, ќе се појават и останат.
А тука се и оние најверните, кои секогаш останале, и секогаш ќе бидат со нив. И сакам да знаат дека некои членови од фамилијата ќе ги отфрлат и исмеат и ќе се ситат (ги имам неколку и се најлоши; ама оние мнозинството се повеќе од ангели), а од друга страна некои пријателства ќе станат дел од една нова фамилија. И обратно. И така ќе се открие сè.
Но не е ничија вина, едноставно од некои се бара повеќе, а од некои помалку... ни се дава според можноста за восприемање. Токму тогаш, кога мислиш дека е најтемно... впрочем станува сè толку светло и толку јасно. И за сегашниот и за животот што чека. Станува сè толку хармонично; како една ѕвездена катализа. И има смисол. Сакам да знаат дека треба да се борат, како за себе, така и за тие околу нив. За старите и новите семејства, за старите и новите другарства.
Бидете храбри, отидете на преглед; колку и да е мачен, колку и да е неопходен, колку и да сме ние непедантни како луѓе. Отидете. Времето е тука да постои, а ние сме тука да сме дел од него; благодарно, понизно, смирено.
Какви што сме вдахновени да бидеме. Со Бог на прво место.
Мојата животна приказна е скоро незначајна и е само еден тенок и краток конец во бескрајното пространство на една ѕвездена прашина. Секој конец, секоја посебна приказна; некоја поголема, некоја помала.
А ѕвездениот конец не е само јас. Има толку многу кои се дел од него. Без кои јас не можев. И Небесните и земните. И мојата љубов нема никогаш да престане, и никогаш во мене нема да има доволно зборови да искажам колку сум благодарен. Бев спасен, од толку многу, и на тие многу им должам сè. И се поклонувам.
Се поклонувам на Небото... се поклонувам на монаштвото и свештенството, на мојата мајка, на моите најблиски, на моите во грст собрани роднини, на моите доктори, онколози, кардиолози, на сите моите колеги, на сите мои... на сите оние кои се тука, додека новово срце отчукува, и додека времето нè прегрнува.
И никој од нас не ја знае иднината; не знае што може повторно да биде. Ни јас не знам. Не знам дали сето ова ќе е крај, или само еден почеток на поголема борба. Што и да е, нека биде и нека дојде, бидејќи ќе е, и ќе пројде.
И сега еве ме, скоро еден месец после мојот 35-ти роденден, и една цела година после ужасот кој веќе и не го мразам толку многу. Бидејќи без него, немаше да сум ова сега. А ова што сум сега, е тоа што одамна требаше да бидам. Сега имам ѕвезди во душата, и солзи радосници во очите, љубов во срцето... имам сè.
Во мене повторно, како втора шанса се појавува истиот оној православен мир од сите мои најубави мигови од минатото, во овој блескав ѕвезден конец што го претставува мојот живот. И една голема насмевка, која се труди да се исполни со повеќе вера, надеж, љубов, и мудрост.
Исто како тогаш, прегрнат со моите најблиски, шетајќи по ноќите на некои минати лета, ги отворам новите очи пошироко за сиот универзум да влезе низ нив, во мојата душа отворена... отворена за нов живот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Текстот е вистинска животна приказна напишана од Кирил Ангелов
Би можело да ве интересира:





