Мајка сум на мали деца – Зошто секој пат кога некој ќе дојде ненајавено ме фаќа паника?

„Еј во близина сме ќе поминеме на кафе!“ – реченицата од која стравува секоја мајка на мали деца. Кога некој ќе ми се јави и ќе ми ја каже таа реченица, ме фаќа паника. Од каде да почнам? Што да средам прво? Леле, што ќе речат - хаос ми е дома?

Majka-sum-na-mali-deca-zoshto-sekoj-pat-koga-kje-dojde-nekoj-nenajaveno-me-fakja-panika-01.jpg

Оние што имале мали деца знаат како е, ама оние што немале велат: „до мајката е – не сака да среди“. Ама не обвинувам никого. Знаете, еднаш и јас сум била од тие што велат дека никогаш нема да дозволат дома да ми биде несредено.

Сега има денови кога се чувствувам како „октопод“. Ја чистам детската соба, ги собирам играчките по стопати, за да не се сопнат малите додека си играат, одам со правосмукалката во другата соба, додека да завршам има што да видам – играчките повторно си нашле свое место, ама сега во сите други соби. Почнувам пак да собирам, за по половина час, пак да ме дочека истата глетка.

Како торнадо да поминало покрај играчките, а децата мирни, си седат во еден агол и си играат. Едноставно не можеш да сфатиш што се случило.

Кога ќе помислам уште колку обврски имам: перење, пеглање, готвење... Знае да ми дојде преку глава од сè и да се откажам.

Знам да речам и тоа на глас, онака демонстративно: „Седнувам да одморам, па ако сака цел свет нека се сруши“...

Е тоа е моментот кога како за беља ќе заѕвони телефонот и ќе се јави некоја пријателка: „Еј во близина сме, да поминеме да пиеме кафе!?“

Која е мојата реакција? Некои можеби ќе речат: „добро, што е - тука е, имам мали деца, јасно е како ќе ми биде по дома“, ама мене ме фаќа паника...

Велам: „Добро. Е баш супер ќе се видиме, не сме се виделе одамна“, ама внатре во себеси чувствувам страв и немир. И што правам во таквите ситуации?

Обично ги разгледувам сите опции: опција еден е да седнеме во двор и на тој начин ќе спречам луѓето да видат како ми е по дома (ама, таму нема никаква приватност за муабет и обично тоа го правам со оние што не ми се многу блиски) и опција два, со светлосна брзина успевам да исчистам сè што растуриле децата и се надевам дека потоа на раат ќе се напиеме кафе.

Собери играчки, намести ги прекривачите, избриши маса, избриши ги децата... Собери ги дрвените боички и хартијата што некако се нашла насекаде.

Има денови кога помалото дете е во фаза на средување облека, па знае да ги извади сите од гардароберот на сопругот или од мојот и да ги развлече по домот.

Успевам да средам сè, една минута пред да заѕвони ѕвончето и велам: „Добро е, па секако доаѓаат мене да ме видат, а не куќата“, ама сè некако ме јаде јанѕа – не сакам да бидам предмет за потсмев и за озборување. Не е дека не сакам да исчистам и да средам. Ама сега, кој сфаќа – сфаќа...

Доаѓа пријателката, се прегрнуваме, седнуваме да пиеме кафе, а јас цело време само се вртам и гледам наоколу – да не останало нешто растурено...

Ама и нема потреба многу да се мислам, децата се тука за да ме извадат и да ме спасат. По сцената што ќе ја приредат – никој нема да гледа во куќата.

Задолжително, како и секогаш, го искористиле мигот кога не сум обрнувала внимание, па чоколадото што им го дале, веќе е отворено и стопено...

Кафето го заборавам, па почнувам да трчам по нив за да им ги избришам рацете, затоа што сè што ќе допрат нивните мали рачиња ќе биде со прелив од чоколадо.

Додека не гледам, чашите на масата може брзо да се најдат на земја, а кафето може да го пиеме кога ќе се олади... Не смее да биде на дофат.

Ете, така е со мали деца. И на крај пак ќе ме прашате: Зошто ме фаќа паника од ненајавени гости?

Можеби требаше да ја изберам првата опција и кафето сепак да го пиеме во двор? Што мислите?

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело / фото: freepik.com

Би можело да ве интересира:

„Не ја земаш за жена само за да ти роди деца и да ти пере гаќи“ „Не ја земаш за жена само за да ти роди деца. Ниту за да ти готви ручек секој де...
„Син ми инаку прозборе на 10 месеци“ - Во ред мамичке, гледам, сега личи на иден претседател на држа... „Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“... Деца се, не сакам да коментирам, н...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
Не беше тука за мене, ама можам само да ти кажам – благодарам што ме остави сама... Не беше тука за мене кога се плашев, но можам само да ти кажам благодарам што ме...
Сара Климоска за CRNOBELO лексикон: „Во основно бев златно дете со сите петки, а во средно ме фатија... „Лажев дека одам кај другарка ми во истата зграда и облекував пижами преку облек...
Брат, таа седеше сама во кафеана во Скопје на Боемска, си пиеше пиво и убаво ѝ беше - таква жена дај... Брат, вчера седам на Боемска со другарите, онака лабав неделен ручек, се смееме ...

Најчитани неделава