„Кажи што работи мајка ти, домаќинка не е професија“ – важна ли е кариерата на родителите за третманот кој децата го добиваат?

Едно од прашањата што постојано не ми е јасно и што постојано си го поставувам е зошто и од кои причини во секој прашалник што го пополнуваме - за запишување на децата во градинка, за запишување во училиште, во прашалникот за породување – мора да внесеме која е нашата професија и што и каде работиме...

kade-raboti-majka-ti-domakjinka-ne-e-profesija-neka-napishe-shto-zavrshila-01.jpg

Кога размислувам на оваа тема, се враќам 25 години наназад во времето кога почнав во прво одделение.

Учителката ме повика пред сите во класот и ми рече да ѝ кажам на мајка ми да напише на ливче што е по професија, затоа што тоа не било внесено во прашалникот.

„Што работи мајка ти?“ – ме праша...

„Сега ништо, порано работеше, ама сега е домаќинка“ – одговорив.

Знам дека се чувствував гордо затоа што мислев дека точно одговорив на прашањето, што воедно беше и меѓу првите прашања на кои требаше да дадам одговор.

Не сакав да навлегувам во тоа колку бев среќна, што по толку години работење, мајка ми конечно беше дома и ми посветуваше внимание.

„Домаќинка не е професија, кажете ѝ да ми напише на ливче какво образование завршила“ – ми рече.

Не кажав дека ме повреди нејзиниот коментар и дека се чувствував засрамено од таквиот коментар, си отидов дома и ѝ ја пренесов пораката на мајка ми...

И така тоа натегање траеше една-две недели, па на крај мајка ми дојде во училиште и го пополнија тоа празно место каде што требаше да стои „машинобравар“.

Да, тоа беше мајка ми по професија, иако никогаш во животот не работела како машинобравар, сепак до крајот на својот живот таа професија мораше да ја вметне во мал милион формулари, прашалници, пописи и слично.

Одиме напред, 25 години подоцна – сега јас пополнувам формулари за моите деца.

Професија: „дипломиран - компаратист“, работно место – „новинар“...

„Дипломиран компаратист? Што е тоа?! Каква е таа професија?“

„Во ред новинар сте, ама каде?“ – ме прашуваат...

Иако одговарам на прашањата, затоа што никогаш не сум се срамела за тоа која сум и што сум, напротив горда сум со сопствениот успех, сепак едно нешто ме измачува...

Зошто е толку важно што се родителите по професија и што работат?

Зошто кога и да се запознава моето дете со некое ново другарче, неговите родители мора да прашаат, а каде работат мама и тато? Зошто во помалите места е мошне важно чиј си?

Познавам мал милион жени што завршиле високо образование па работат што било за да преживеат или се домаќинки затоа што не успеале да најдат соодветно вработување или пак одлучиле да останат дома и да се грижат за семејството затоа што едноставно така сакаат.

Познавам и голем број жени со скромна заднина што успеале да изградат кариера или да се снајдат во животот.

Познавам и такви што имаат многу да дадат, но им се случил животот...  Дали тоа значи дека тие жени се помалку вредни од оние што успеале во кариерата и се снашле?

Дали нашиот кариерен успех или неуспех е мерило за тоа како и колку ќе се развиваат нашите деца?

Дали тоа што ние не сме или сме успеале да се пробиеме во животот, значи дека нашите деца ги очекува истата судбина, па треба да добијат соодветен третман според тоа...

Да, домаќинка не е професија, но е работа со полно работно време, па и со прекувремени часови, а за жал ниту е платено, ниту е вреднувано.

Верувајте ми – четири години бев и на тоа работно место.

А сега, кога ќе кажам дека работам како новинар, од луѓето добивам најразлични реакции – некои веднаш ми се жалат и бараат од мене да истражам за она што нив ги засегнува, други ме третираат како да сум дошла да им копам по валканите алишта (иако сум дошла како родител или како странка), па веднаш во стилот „нападот е најдобра одбрана“ ме напаѓаат за нешто што реално воопшто не е моја работа, трети пак глумат прекумерна љубезност од која понекогаш и ми се лоши...

Зошто имаме потреба да се прикажуваме себеси во поинакво светло од она што сме? Зошто имаме потреба да ги вреднуваме луѓето само според кариерните успеси или според кариерниот успех на нивните родители.

 „Успеал, нормално дека ќе успее – знаеш кои му се родители!“ – како да не може човек да биде двојно поуспешен и да го удвои успехот на неговите родители, самостојно и независно од нив...

„Како да не, до вчера со мајка ѝ продаваше на тезга, денес ќе ми продава култура“ – како да не може некој да почне од нула и продавајќи на тезга да си го плати образованието и да се издигне на поинакво ниво...

Успехот на децата не зависи од успехот на нивните родители.

Ниту пак кариерното определување на родителите ја одредува кариерната определба на децата – но за жал, очигледно го одредува третманот што тие деца го добиваат.

Затоа можеби им се восхитуваме на децата од скромни заднини што успеале, затоа што сите потајно знаеме колку поголем труд и напор треба да вложат во сопственото самодокажување и во креирањето сопствен идентитет.

Затоа можеби, ние, таквите деца, живееме во страв и се прашуваме зошто нашите професии се ставаат на кантар кога одлучуваме за битните прашања поврзани со иднината на нашите деца...

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело/фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg