100.000 девојки се пријавиле на аудиција за Katseye, од 6 избрани една ги напушти - Која е светската женска сензација?
Сигурно барем еднаш сте ја слушнале „заразната“ песна (Hands off) Gabriela. Но, дали знаете кој ја пее и колку се популарни девојките од женскиот бенд, особено меѓу младите?

Последниве години еден од омилените женски бендови ширум светот е Katseye, создаден по примерот на корејските поп (K-Pop) суперѕвезди.
Во него членуваат 5 девојки - Даниела Алванзини, Лара Раж, Меган Скендел, Јунчае Јеунг и Софиа Лафортеза.

Во првата постава на бендот била и Манон Банерман, но таа неодамна ги напушти, а менаџерите соопштија дека тоа е само привремено.
Во неколку американски медиуми во тоа време се пишуваше дека таа си заминала за да се грижи за своето ментално здравје и дека не можела да го издржи темпото што им е наметнато на девојките, како и притисокот од славата.
А Katseye и без Манон нижат успеси и се подготвуваат за светска турнеја, која ќе почне во Европа на 1 септември 2026, а потоа ќе продолжи во САД.

Кои се Katseye, светската женска музичка сензација?
Формирани се во 2023 година, како резултат на работата на две продуцентски куќи кои сакале да создадат интернационален женски бенд направен по примерот на популарните корејски поп бендови.

Распишале аудиција на која се пријавиле над 100.000 девојки и по 12 недели аудиции и предизвици, ги избрале шесте за кои сметале дека се најдобри за нив.
Своето деби го имаа во 2024-та, а песната Touch стана вирален хит и еден од најслушаните синглови на нови изведувачи.
Веќе следната година го издадоа своето второ EP, Beautiful Chaos, од каде што излегоа неколку хита, но во светски рамки најпопуларна стана песната Gabriela.
Девојките имаа настапи насекаде, публиката се вљубуваше во нив, а постарата генерација ги нарече и „младите Spice Girls“.

Но, во февруари 2026, една од девојките, Манон Банерман (23), реши да ги напушти.
Менаџерите соопштија дека „разговарале долго со неа, но дека таа привремено ќе го напушти бендот за да се фокусира на здравјето“.

