Луѓе кои (речиси) биле киднапирани ги споделуваат морничавите искуства
„Бев многу мал и всушност не ни бев свесен дека сум киднапиран, бидејќи ја знаев жената и мислев дека ме носи на патување…“

Колку и да не сакаме да мислиме на тоа, киднапирањето може да се случи и среде ден, кога најмалку очекуваме.
Секако, ова не треба да биде причина да ни е страв да излеземе од дома, туку да нè натера да бидеме повнимателни, особено кога сме во област што не ни е многу позната.
На Редит, неколку корисници кои речиси биле киднапирани ги споделуваат нивите морничави искуства, вклучено и како се спасиле.
Дел од нивните сведоштва во продолжение:
„Работев во аптека која затвораше на полноќ. Еднаш дојде еден маж и почна да ми поставува прашања во стилот ’Каде се наоѓа ова? Каде се наоѓа она?‘ Потоа ме праша кога завршувам со работа. Му реков во 1 часот, иако завршував на полноќ, во случај да сака да ме чека.
Па, кога затворив на полноќ, мажот истрча кон мене на паркингот и ми рече дека сакал да ме однесе до дома со неговиот автомобил – потоа малку ја тргна јакната и ми покажа дека има пиштол.
За среќа, во близина имаше чувар кој ни пријде и праша дали има проблем. Со него се вратив во аптеката и викнав полиција, но мажот веќе беше заминат“.
„Кога бев многу мал, си играв на детско игралиште и ми пријде еден маж кој ми рече дека го испратила мајка ми за да ме однесе дома. Тргнав со него, но забележав дека држи мал нож.
И, тогаш се сетив што ме научи учителката кога сум во опасност – почнав да трчам кон една жена и на глас да викам ’мамо‘ и мажот побегна“.
„Татко ми имаше поранешна колешка која имаше проблеми со менталното здравје и го следеше. Му праќаше писма во кои му велеше дека ќе биле заедно, дека таа ќе ни била мајка мене и на брат ми…
Една вечер, имав околу четири години, слушнав како нешто тропа на прозорецот од детската соба и ја видов неа, како се обидува да влезе. За среќа, брат ми кој е постар беше со мене и ги викна мајка ни и татко ни. Уште имам кошмари од таа ноќ“.
„Јас всушност немав поим дека сум бил киднапиран бидејќи ја познавав жената. Бев мал и мислев дека ме носи на патување, но по неколку дена, во собата каде што бевме упадна полиција и ја уапси. Веднаш потоа влезе мајка ми со насолзени очи.
Бев збунет бидејќи жената што ме киднапира беше мајка на моите полубрат и полусестра. Но, била гневна бидејќи татко ми веќе не бил со неа, па сакала да му се одмазди и затоа ме киднапирала“.
„На 14-годишна возраст, чекав да дојде лифт за да одам кај другарка ми на петтиот кат. Додека чекав, покрај мене застана и еден маж. Изгледаше нормално, но некако се чувствував непријатно, па тргнав по скалите.
Како му се тргнав од поглед, почнав да трчам, но слушнав дека и тој почна да трча по мене. За среќа, тогаш спортував и бев брза, па успеав навреме да стигнам до станот на другарка ми. Брат ѝ веднаш излезе кога кажав што се случи, но мажот веќе го немаше“.
„Застанав на паркинг за да го средам GPS уредот на автомобилот, кога на прозорецот ми тропна маж кој ме прашуваше за насоки, па извади пиштол и влезе во автомобилот. Ме натера да одам до банкомат за да му дадам пари, па додека го држеше пиштолот вперен во мене ми кажа каде да го оставам.
Не сфатив дека бев киднапиран сè додека не разговарав со полицајците кои ми кажаа дека пробувале да го фатат мажот веќе неколку дена“.
„Си одев кон дома од училиште, кога еден маж ми довикна и ми рече дека му требало помош да стави тешка кутија во неговото комбе. Застанав да му помогнам и ја кренав кутијата, но беше многу лесна и помислив дека нешто не е во ред.
Потоа ми рече ако можам да влезам во комбето и да ја прицврстам кутијата со безбедносниот појас на седиштето и сфатив дека треба да бегам. Проба да ме задржи, но успеав да се ослободам и да избегам. Имав околу 13 години“.
„На 16-годишна возраст работев во ветеринарна клиника. Еднаш дојде еден маж кој рече дека видел кучиња на кои им требала помош. Кога излегов ми рече да одиме со неговиот автомобил, за да стигнеме побрзо, но му реков дека ќе изодам пеш бидејќи беше блиску.
Кога стигнавме до кучињата, немаше никаков проблем – само лаеја. Мажот веднаш побегна со автомобилот и ми требаа неколку минути за да сфатам што всушност се случи“.
„Си одев од работа пеш, кога маж со автомобил почна да вози побавно покрај мене. Ми рече дека бил пожарникар и дека ќе имало бура, па требало да се качам со него, за побрзо да стигнам дома. Му реков не, благодарам.
Беше упорен и кога се доближив до паркинг на хотел, мажот застана со автомобилот пред мене за да ми го блокира патот. Но, чуварот на хотелот забележа дека ми е непријатно, па тргна кон нас и мажот со автомобилот веднаш избега“.
Спирова С. | Црнобело
