Убил над 20 луѓе, додека бил информант под заштита: Детали за случајот кој е „најголем срам“ за ФБИ
Скот Кимбал успеал да изманипулира неколку ФБИ агенти и да стане нивен доверлив информант, за да може да ги крие трагите од своите убиства. Во неколкуте години додека соработувал со нив, убил над 20 луѓе.

Скот Кимбал ќе остане запаметен како убиецот кој успеал да ги измами агентите од ФБИ на начин кој наликува на сценарио од крими филм или серија.
Додека им се претставувал како информант, тој убивал и ја користел довербата на ФБИ за да ги прикрива доказите зад себе.
Од 2009 година тој отслужува затворска казна, додека точниот број на неговите жртви не е познат до денес.
Детали за морничавата измама на Скот Кимбал:
Скот Кимбал, кој денес има 58 години, уште во младоста бил измамник за што многупати бил затворан.
Во 1990-тите, добро научил како функционира правниот систем во САД, па успевал да ја убеди локалната полиција дека може да им биде информант.
Многупати додека бил во затвор, тој ги „местел“ другите затвореници за неговите злодела. Односно, им давал информации за она што го правел, но како виновници ги претставувал другите затвореници.

Во 2001 година, Скот бил уапсен за измама со чекови што ја направил во Алјаска.
Во затворот, го сместиле со Стив Енис – маж кој бил обвинет за случај поврзан со дрога.
И овој пат Скот пробал да ја стекне довербата на надлежните, но сега се фокусирал на ФБИ агенти.

Сметал дека на овој начин ќе си ја намали затворската казна, па почнал да крои план како да го „намести“ цимерот од ќелијата.
Најпрво тој го убедил Стив Енис дека може да му помогне во неговиот случај. Го лажел дека има конекции кои ќе најдат луѓе што ќе сведочат во негова корист.
Во меѓувреме, тој ја запознал и девојката на Стив – Џенифер Маркум – која работела како стриптизета.

На Стив почнал да му ветува и дека може да ѝ помогне на девојка му Џенифер да се оттргне од нејзината професија и да најде подобра работа.
На ФБИ агентите, пак, им кажал дека Стив планирал да го нареди убиството на сведоци во неговиот случај. Агентите му поверувале и веднаш му дале статус на информант.
Скот бил пренесен во затвор со помало обезбедување и на крај бил ослободен.

Откако излегол, Скот се сретнал со Џенифер, девојката на Стив Енис. Но, наместо да ѝ помогне, тој ја убил.
Бидејќи полицијата очекувала Стив да убива сведоци мислеле дека тој го нарачал убиството и не се ни посомневале во Скот.
