Лудата приказна за парот кој чувал огромна мечка: Ѝ правеле шпагети, ѝ славеле родендени
Почнувајќи од 1970-тите, пар од Шкотска цели 25 години чувал мечка. И покрај тоа што имала 2.40 метри и 400 килограми, ја гледале како да им е дете – ѝ славеле родендени, ѝ готвеле „човечка“ храна, а ја носеле и на турнеи.

Иако можеби како мали се слатки, па дури се и инспирација за најпопуларните кадифени играчки, сите сме свесни дека мечките се меѓу најопасните животни.
Но, ова не е мислење што го делеле Меги и Енди Робин кои во 1970-тите чувале мечка како милениче.
Меги, која денес има 74 години, и нејзиниот покоен сопруг ја купиле мечката додека била мала, од резерват во Шкотска.
За необичниот миленик платиле 50 фунти (околу 900 денешни фунти). Ја крстиле Херкул и мечката живеела со нив околу 25 години.
Во нов документарец на BBC, Меги раскажува за необичното милениче и како дошле до идејата да купат мечка.
„Тоа беше како љубовна приказна меѓу нас тројца. Никогаш никој не живеел така со мечка, а мислам дека нема ни да живее“.
Покојниот сопруг на Меги, Енди, бил борач кој во една пригода бил предизвикан да се бори со мечка за 1.000 фунти.
По предизвикот, се вљубил во животните и ѝ кажал на Меги дека сака да чуваат мечка.
Денес ова би било невозможно, веројатно и нелегално, но Меги и Енди направиле спогодба со менаџер на резерват во Шкотска.
Му платиле, а тој им дал мало мече и го однеле дома.
Нормално, парот морал да се осигури дека мечката нема да биде агресивна, па поминале години тренирајќи ја.
Иако мечката достигнала должина од 2.40 метри и тежина од дури 400 килограми, Меги вели дека ја гледале како член на семејството.
Ѝ готвеле“ човечка храна“, а омилени ѝ биле шпагети болоњезе. Енди понекогаш ѝ давал и чашка вино, а многу сакала и чај. За секој роденден, пак Меги ѝ правела торта.
Енди и Меги немале деца, па мечката ја третирале како да им е син.
