Што има во торбичките со подароци за номинираните за Оскари 2026?
Покрај ваучерот за липосукција, како и скап третман за лице кој чини 25.000 долари, можеби најчудниот подарок за номинираните е персонализиран предбрачен договор направен од познат адвокат за разводи.

Уште од раните 2000-ти, холивудските ѕвезди кои се номинирани за Оскар добиваат „торбичка“ со подароци која вреди мало богатство.
Овие раскошни подароци не ги дава Академијата која стои зад Оскарите, туку маркетинг агенцијата Distinctive Assests.
Очигледно, целта на овие подароци е да се промовираат продуктите што ќе ги добијат славните – слично како што дизајнерите се рекламираат со аутфитите на црвениот тепих.
Бидејќи тие сепак се влијателни личности, ако им се допадне нешто од „торбичката“, сигурно ќе го препорачаат на нивни познаници кои се исто влијателни, но и богати.
Иако се нарекуваат „торбички“, подароците сепак зафаќаат многу простор бидејќи покрај ваучери за третмани и патувања, неретко има чоколади, продукти за убавина, луксузни секојдневни предмети…
Овие подароци ги добиваат сите номинирани, па затоа и маркетинг компанијата целиот проект го нарекува „Сите се победници“.
Неодамна беше откриено што ќе добијат номинираните за 98-то издание на Оскарите, а и годинава, „торбичката“ чини над 100.000 долари.
Што ќе има во неа?
Ваучери за патување и спа третмани
Номинираните ќе добијат ваучер за престој во приватна вила на Костарика, со личен готвач и возач, како и ваучер за престој во луксузна вила во Лапонија, исто така со личен готвач.
Има и ваучер за седумдневен престој во спа-центар во Калифорнија и десетдневен престој во луксузен ресорт во Шри Ланка.
Продукти за здравје и убавина
Номинираните ќе добијат неколку продукти за убавина, како линија продукти за нега од брендовите Danucera, Glow Recipe, Instytutum и Supergoop!.
Исто така, добиваат и ваучер од 400 долари за третмани за лице и масажа во луксузен спа-центар.
